• среда, 18 декември 2024

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и утре

Штрајкот на приватните специјализанти продолжува и утре

Скопје, 15 април 2024 (МИА) - Приватните специјализанти ќе продолжат со генералниот штрајк и во текот на утрешниот ден. Како што информираат оттаму, времетраењето на штрајкот е во зависност од утрешниот одоговор на Министерството за здравство во врска со барањето на специјализантите за покачување на нивните плати и регулирање на статусот.

- Ја информираме јавноста дека штрајкот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, сѐ додека Министерството за здравство после утрешната седница на Влада не излезе со официјален став и соопштение. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за своите понатамошни чекори, стои во нивната објава на Фејсбук.

Нивни претставници попладнево имаа средба во Владата со министерот за здравство, Илир Демири, заменик министерката за здравство, Маја Манолева и професор Ана Данева Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања, на која им било кажано дека по утрешната владината седница ќе има информација во писмена форма за барањето за зголемување на надоместот. 

Над 400 приватни специјализанти изутринава стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава. Тие бараат зголемување на надоместот што им се исплаќа, во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело. ар/нд/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан