• вторник, 24 декември 2024

Штрајкот во косовските училишта продолжува и наредната недела

Штрајкот во косовските училишта продолжува и наредната недела

Приштина, 18 септември 2022 (МИА) – Обединетиот синдикат за образование, наука и култура на Косово (СБАШК) соопшти вечерва дека штрајкот во училиштата во државата, започнат на 25 август, ќе продолжи и во текот на наредната недела, односно до прифаќањето од страна на владата на Албин Курти на нивното барање за надомест од 100 евра месечно за вработен до усвојувањето на новиот закон за плати, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на СБАШК се вели дека одлуката за продолжување на штрајкот е донесена по консултативните состаноци со претседателите на општинските и универзитетските ограноци на синдикатите, на кои се изнесени информации за резултатите од двете средби со народниот правобранител на Косово.

Образовниот синдикат информира дека викендов се одржани две средби на штрајкувачкиот одбор на Унијата на независни синдикати на Косово (БСПК) со омбудсманот, на неговор барање, по што од таа институција добиле допис, од кој, како што велат, не произлегло никакво решение.

- Штрајкувачкиот одбор ги информира (синдикалните ограноци) за двете средби со Народниот правобранител, одржани на негово барање, и потоа го анализираа детално дописот добиен од него. Оценка на учесниците на средбата е дека дописот не донесе ништо ново, поради што штрајкот ќе продолжи, а СБАШК во најскоро време ќе му одговори на Народниот правобранител во врска со штрајкот, се вели во соопштението.

Образовниот синдикат вели дека „се чини оти Владата не сака штрајкот да се прекине, бидејќи одбива да преговара за додатокот од 100 евра до усвојувањето на законот за плати“.

- Напротив, Владата продолжува со изјави и повици за постојан притисок врз штрајкувачите, се вели во соопштението, во кое се информира и дека Унијата на образовни синдикати на Европа му испратила писмо на премиерот Курти, во кое „го повикува на состанок со цел да се постигне спогодба, со која ќе се реализираат барањата на штрајкувачите во образовниот сектор и во јавната администрација“.

Поради штрајкот на образовните работници наставата во речиси сите училишта во Косово сé уште не е започната. иа/паг/

Остани поврзан