• среда, 25 декември 2024

Што ја чека Европската Унија во 2024 година?

Што ја чека Европската Унија во 2024 година?

30 декември 2023

ЕНР - Брисел

Изборите во 2024 година ќе заземат централно место не само на домашна сцена, туку насекаде низ ЕУ, како и во САД и во Русија. Изборите во Унијата ќе се одржат во јуни. Многу од тековните дискусии околу миграцијата, проширувањето и буџетот ќе продолжат да бидат во центарот. Годината започнува со белгиското претседателство со Советот на ЕУ како и вонреден самит. Но, што може да очекуваат земјите членки? 

 Од 1 јануари, Белгија го презема претседавањето со Советот на ЕУ од Шпанија за првата половина на 2024 година. Тоа ќе биде главниот фокус на белгиската федерална влада. Со новиот пакт за миграција и азил и парламентарното одобрување на буџетските правила на блокот, министрите сметаат дека имаат голема одговорност на ЕУ сцената. Белгиското претседавање исто така ќе треба да се подготовки за дебати поврзани со идното проширување. 

 По завршетокот на шпанското претседавање со ЕУ, 2024 година во Шпанија ќе започне со новата левичарска влада којашто едвај се оформи. Со цел да го одблокира владеењето, премиерот Педро Санчез одобри закон кој ги амнестира оние кои беа вклучени во процесот за независна Каталонија. 

 Амнестијата ќе ја постави политичката агенда за 2024 година. Европската Комисија веќе изјави дека ќе изврши проверка за нивото на усогласување со владеењето на правото. Шпанија исто така се соочува со можното враќање на поранешниот претседател на Каталонија, Карлес Пуџдемон, како и можни протести. 

Избори, избори, избори 

Помеѓу 6-9 јуни, граѓаните на 27 земји членки на ЕУ ќе гласаат на европските избори. Многу очекуваат нагло движење на десно во Европскиот Парламент. 

 Во Франција, темата на миграција може да се најде во центарот на кампањата за европските избори, што исто така претставува и тест, на две години од вториот петгодишен мандат на Претседателот Емануел Макрон. Дебатата ќе ги спротивстави екстремнодесничарскиот и антимигрантски Национален собир (НР), предводена од Марин Ле Пен, против блокот на партијата Ренесанса, која со неколку центристички партии, го поддржува Макрон. Ренесанса мораше да направи отстапки за да добие побалансиран, но сепак контроверзен закон за миграција, кој беше усвоен од Парламентот на 20 декември. 

 Покрај политиката, Франција исто така ќе биде домаќин на Олимписките игри кои ќе се одржат од 26 јули до11 август, а се очекува и отворањето на Богородичната црква (катедралата Нотр Дам) во Париз на 8 декември. 

 Шпанија ја чека слична судбина: десничарската опозиција може да проба да ги претвори изборите во ЕУ во прв референдум за новоформираната влада. Контролирање на нерегуларната миграција, кризата на домувањето, високата невработеност кај младите или контролата на јавниот дефицит ќе бидат главна тема во Шпанија за 2024 година. 

 Кампањата за европските избори во Словенија најверојатно ќе се фокусира на проблеми кои ги загрижуваат граѓаните. Покрај зголемените трошоци за живот и инфлацијата, моментално една од највисоките во Европа, дискусиите сигурно ќе ја вклучат и миграцијата, (не)функционирањето на Шенген зоната, хуманитарната помош за Украина и ставот на ЕУ за решавање на конфликтот во Блискиот Исток. 

 Во САД, претседателските избори ќе се одржат на 5 ноември 2024 година и ќе бидат главен настан во поглед на надворешната политика. Доколку Доналд Трамп биде избран за претседател, се шпекулира дека американската поддршка за Украина би можела да се намали, што ќе биде од корист за рускиот претседател Владимир Путин. Прашањето е дали Европејците ќе сакаат и можат да ѝ дадат доволно поддршка на Украина во иднина во отсуство на САД, со цел да се спротивстават на експанзионистичките политики на Путин. 

 Во Украина, претседателските избори кои првично беа планирани за почетокот на март, мораа да се откажат поради продолжувањето на воената состојба бидејќи војната со Русија сè уште трае. На почетокот на ноември, претседателот Володимир Зеленски изјави дека ,,сега не е време за избори“. 

 Русија своите избори ќе ги одржи во март 2024 година. Противниците на Путин постојано изјавуваат дека Изборната комисија им ги отфрла кандидатите со изговор за формални грешки, како што неодамна беше случајот со новинарката Екатерина Дунцова. Се смета за извесно дека петти пат по ред Путин ќе биде победник, откако спроведе уставни измени за да може повторно да се кандидира. Според новата верзија на Уставот, 71-годишникот ќе може да се кандидира за последен пат во 2030 година.

Национални избори во Европа во 2024 година 

Покрај претстојните европски избори, во многу земји во Европа граѓани ќе гласаат и на домашните избори. 

 Во Шпанија, регионалните избори треба да се одржат во Галиција, упориштето на Народната партија (ПП) и Баскија, каде доминираат партиите поддржувачи на премиерот Санчез. 

 Во Белгија, граѓаните ќе гласаат на федерални и регионални избори, а во октомври ќе се одржат локални избори. 

 На Романија ѝ претстои нетипична изборна година. Во 2024 година од граѓаните се очекува да гласаат на четири различни избори - претседателски, парламентарни, локални и европски. 

 И во Словачка, 2024 година ќе биде важна во поглед на домашната политика. Напролет граѓаните треба да изберат нов шеф на држава по пет години. 

 Граѓаните во алпската република Австрија ќе гласаат на неколку покраински и локални избори, а исто така треба да изберат и нов Парламент во 2024 година. 

 На Германија исто така ѝ претстојат неколку вида избори, покраинските каде ќе се избираат парламентите во неколку покраини, како и избори за регионалните и општинските совети и градоначалници. 

 Германија ќе биде и домаќин на Европското првенство за ракомет и фудбал во јануари и јули/август. 

 Северна Македонија ќе одржи и парламентарни и претседателски избори во новата година. Претседателските избори треба да се одржат на 24 април, додека потенцијалниот втор круг се поклопува со парламентарните избори на 8 мај. 

Зелено светло за проширување на ЕУ значи внатрешно преструктуирање

Земјите со кандидатски статус имаат за цел да го продолжат патот кон членство. 

 Во Северна Македонија на пример, тоа ги вклучува и напорите за уставни измени со цел да се вклучат малцинства во Преамбулата. Земјата исто така има за цел да спроведе реформи поврзани со владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на малцинските заедници. На ЕУ самитот во декември беше заклучено дека ЕУ е спремна да го заврши отворањето на пристапните преговори со земјата – откако ќе се спроведе обврската за усвојување на уставните измени. Сепак, засега измените остануваат блокирани во Парламентот, а можна промена може да се очекува по изборите. 

 Босна и Херцеговина, која доби кандидатски статус пред една година, ќе излезе од 2023 година со условно зелено светло за отворање на преговорите кога ќе се постигне потребното ниво на усогласување со критериумите за членство. Европската комисија за ова ќе поднесе извештај до Советот на ЕУ до март 2024 година. За да може да ги отвори преговорите, Босна и Херцеговина ќе мора да спроведе реформи на почетокот од наредната година со што би ја зајакнала борбата против корупцијата, да изгради правна сигурност и да даде аргументи дека земјата прави некаков напредок во спроведувањето на 14-те клучни приоритети. 

 Од друга страна, европските лидери ги повикаа властите на Република Српска да ги повлечат спорните закони, што би предизвикале уназадување на Босна и Херцеговина во поглед на основните слободи. Најзагрижувачки е законот кој криминализира клевети, потоа законот за „странски агенти“ кој предвидува посебен надзор врз невладините организации финансирани од странство, како и законот дека одлуките на високиот претставник нема целосно да се применат. 

 Наредна година Албанија го чека отворањето на преговорите за првата група поглавја. Во декември, таа земја го заврши скрининг процесот за усогласување на законодавството со ЕУ, како прва фаза на преговорите кои отпочнаа во јули 2022 година. Премиерот Еди Рама го гледа брзиот напредок кон ЕУ како непосреден предизвик, нагласувајќи дека Албанија денес има повеќе од 50 проценти од капацитетот да се смета подготвена за членство во ЕУ. Иако ја цени работата на албанските преговарачи, тој вели дека „сè уште се наоѓаме на почетокот на процесот“. 

Пристапување во Шенген и во Еврозоната

Романија очекува да го среди Шенген досието наредната година, откако не успеа да ја постигне оваа цел во 2023 година, бидејќи Австрија не го повлече ветото кое ѝ го наметна во 2022 година. По Советот за правда и внатрешни работи на почетокот на декември, романските власти изјавија дека Австрија ја омекнала својата позиција и се согласила Романија да се приклучи на шенгенскиот воздушен простор. 

 Првичниот план на Бугарија беше да се приклучи на Еврозоната во 2024 година. Но, во февруари 2023 година, техничката министерка за финансии Росица Велкова, изјави дека Бугарија не ги исполнила сите обврски при влез во Европски монетарен систем и во критериумот на инфлација, па затоа го поместиле целниот датумот за пристапување за 1 јануари 2025 година. 

 Бугарија го усвои Акцискиот план за транзиција од бугарската валута лев. Управниот комитет во кој евроскептиците играат главна улога, собра доволно гласови за петиција за референдум каде се бара од граѓаните да го поддржат задржувањето на левот како единствена валута до 2043 година. Бројот на гласови за поддршка на иницијативата го направи референдумот неизбежен, но беше одбиен од Парламентот на крајот на јули 2023 година, тврдејќи дека формулацијата на барањето е неуставна. Националистичка и ектремнодесничарска партија Преродба, го достави предметот до Уставниот суд и случајот е сè уште во тек. 

Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.

Фото: ЕНР

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан