• среда, 25 декември 2024

Штип ќе добие Центар за дијаспора, потпишан договорот помеѓу Министерството и Општината

Штип ќе добие Центар за дијаспора, потпишан договорот помеѓу Министерството и Општината
Штип, 10 ноември 2022 (МИА) - Локален центар за дијаспора ќе добие и Општина Штип преку соработка со Министерството за дијаспора. Ова е дел од договорот на денешната средба меѓу  градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и министерот Џемаил Чупи, која се одржа во Општината. Целта е со меѓуинституционална соработка да им се излезе во пресрет на иселениците.
-На мое огромно задоволство, денес во посета на Општина Штип е министерот за дијаспора, со којшто склучивме договор за соработка, анекс на веќе постоечкиот договор за продолжување на воспоставената соработка во насока на тоа Општината со сите засегнати страни и надлежни институции преку Министерството за дијаспора да биде сервис на нашите иселеници. Договоривме да се воспостави Центар за дијаспора, којшто ние како  локална самоуправа ќе го управуваме со наше одговорно лице, кое ќе добие работни задачи, рече Јорданов.
Според министерот Чупи, со ова се воспоставува соработка помеѓу централната власт, локалната власт и невладините организации, а ваквите канцеларии се замислени да имаат посредничка улога со цел помош и поддршка за некои од услугите.
-Со овие канцеларии ќе им се пружи помош, забрзување на постапки при спорни предмети и прашања од дијаспората. Со тесна комуникација веруваме дека на нашата дијаспора ќе ѝ се врати довербата во државните институции. Пред сѐ во соработка со Министерството за информатичко општество и администација, на нашата дијаспора ќе се овозможи и асистенција при пополнување електронски услуги, истакна Чупи.
Овој месец, договор за отворање Центар за дијаспора потпиша и Општина Кочани. Договорот со Штип е четврти по ред, а досега освен во Штип и Кочани, договор за отворање Центар за дијаспора беше потпишан во општините Македонски Брод и Крушево. вдј/хс/

Остани поврзан