• четврток, 26 декември 2024

Штип одбележува 105 години од раѓањето на Киро Глигоров

Штип одбележува 105 години од раѓањето на Киро Глигоров
Штип, 3 мај 2022 (МИА) - Во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ Штип се одбележаа 105 години од раѓањето на првиот претседател, Киро Глигоров. Со проследување на краток документарен филм, ученици од училиштата во Штип се едуцираа повеќе за животот и делото на Глигоров, а имаа можност и да видат предмети од неговиот живот во спомен собата, која пред четири години беше отворена во неговиот роден град. -Трети мај е посебен ден за Мултимедијален центар „Киро Глигоров“ заради денот на раѓањето на Глигоров, 3 мај 1917 година. Ова е објект којшто Општина Штип го уреди во спомен на нашиот прв претседател за почит на неговите лик и дело. Традиционално, на годишнината на неговиот роденден, според програмата за одбележување на значајни настани и личности, Општина Штип овој ден го прогласува како отворен ден за ОМЦ „Киро Глиголов“. Денеска изложбениот простор, како и секој ден, е отворен, но денес празнично. Во моментов имаме ученици од училиштето „САБА“, коишто го проследуваат краткиот документарен филм, а потоа ќе видат некои лични предмети на претседателот“, истакна Кирил Панајотов вработен во ОМЦ „Киро Глигоров“. Спомен собата на Киро Глигоров во Штип секојдневно привлекува гости како од градов, така и од државата и странство, бидејќи изобилува со значајни елементи од животот на првиот претседател на Републиката. Како што вели Панајотов, речиси и нема политичар кој дошол во Македонија, а да не посакал да ја види собата, за што доказ е и книгата на впечатоци. -Интересот е навистина огромен според тоа што ние го евидентиравме овде. Последните две години имаше мал застој во смисла на групни посети, поради состојбата со пандемијата. Меѓутоа, ние имавме организирани посети на училишта од цела Република. Како раритет можам да спомнам дека нема дипломат или политичар кој дошол во Македонија, а не посакал специјално да ја види спомен собата. Ние имаме и книга за бележење на впечатоци, која ги содржи тие податоци“, додава Панајотов. Глигоров бил активист на студентското и комунистичко движење, македонски и југословенски економист, политичар и државник. вдј/ки/

Остани поврзан