Штипски „Стипион“ за наредната годинава ќе набавува нови автобуси за градскиот превоз
- Зголемен број на термини, линии до приградските населби, меѓуопштински превоз на патници до карбинските села и задоволни граѓани е исходот од функционирањето на градскиот линиски превоз во Штип, истакна денеска директорот на Јавното претпријатие „Стипион“-Штип, Панче Стефановски.
Штип, 12 декември 2024 (МИА) - Зголемен број на термини, линии до приградските населби, меѓуопштински превоз на патници до карбинските села и задоволни граѓани е исходот од функционирањето на градскиот линиски превоз во Штип, истакна денеска директорот на Јавното претпријатие „Стипион“-Штип, Панче Стефановски.
Тој посочи дека за повеќе од една година набавени се нови возила, со кои граѓаните полесно и побрзо може да пристигнат до нивните дестинации.
-Освен функционалноста во оваа една година се посветивме и на развојот на оваа дејност па воведовме и нови линии, до селата Лакавица и Селце, Долни Балван и ја зголемивме меѓуопштинската соработка, вели Стефановски.
Директорот најави дека уште најмалку два нови автобуси е предвидено да се набават и наредната 2025 година, со што ќе има дополнителни линии и термини, кои граѓаните ќе можат да ги користат, кога е во прашање градскиот превоз. За една година позитивни се и финансиски показатели.
-Следната година исто така планираме да ја развиваме дејноста, планираме да набавиме неколку нови возила, да воведеме нови линии и да ги зголемиме термините на возење на постоечките линии. За една година имаме одлични финансисики показатели, со тенденција да се зголемуваат приходите, изјави Стефановски.
Градскиот линиски превоз во Штип започна да функционира на 1 септември 2023 година, кога се набавија првите шест автобуси. Денеска има осум автобуси и едно комбе достапни за потребите на граѓаните. Во петок превозот за пензионерите до пазарот е бесплатен, а линиите се приспособени и за учениците. Голем интерес има за линијата која води до бања Кежовица.вдј/ар
Фото:МИА