• недела, 24 ноември 2024

Штипски „Исар“ презеде дополнителни мерки за штедење струја

Штипски „Исар“ презеде дополнителни мерки за штедење струја
Штип, 4 септември 2022 (МИА) - Енергетската криза го загрози работењето на сите јавни претпријатија, чијашто примарна цел е водоснабдување, вели директорот на ЈП „Исар“-Штип, Трајче Здравков. Штипски „Исар“ веќе неколку месеци штеди, но дополнително се преземени мерки. - Ние што можеме, што е во наша полза, ќе реагираме за да заштедиме некој минимален дел од електричната енергија, односно минимално да ги намалиме сметките. Направивме еден план: сите грејни тела коишто се на струја ќе ги отстраниме; апаратите коишто користат електрична енергија, како на пр. апарати за кафе, ќе ги отстраниме; ќе се редуцираат канцелариите, односно повеќе луѓе ќе бидат сместени во една канцеларија за да не се троши греење. Исто така сите светилки ќе бидат заменети со штедливи лед – светилки, вели Здравков. Сепак, според него, тоа е незначително во однос на цената на киловат по час и високите сметки кои допрва им следат. За подолгорочно решение останува планот за фотоволтаици, за кој во тек е и процедура на изработка на студија, но процесот би одзел подолг временски период. Решението кое би се имплементирало сега и веднаш, а кое го бара Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ) е дотации од Владата. - Решението може да биде дотации, односно субвенционирање на јавните претпријатија до одредена цена. Некои држави во околината веќе го прават тоа, тоа се мали, средни државни претпријатија, рече Здравков. Сметката за електрична енергија за последниот месец на ЈП „Исар“ е приближно 4.000.000 денари, но следниот месец се очекува да биде двојно повисока. Јавното претпријатие на почетокот на оваа година имаше речиси петпати повисока сметка од сегашната, бидејќи како и многу други имаше раскинат договор со добавувачот на електрична енергија. вдј/лв/

Остани поврзан