• сабота, 28 декември 2024

Штипски „Исар“ „плива“ во загуби поради струјата, но и старите долгови

Штипски „Исар“ „плива“ во загуби поради струјата, но и старите долгови

Штип, 15 јуни 2022 (МИА) - Околу шест милиони денари е новата сметка за електирична енергија на ЈП „Исар“-Штип.

Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Трајче Здравков истакна дека и покрај тоа што имаат склучено договор со нов добавувач сепак новата сметка за струја е висока. Со тоа, потенцира тој, но и со останатите долгови кои ги има ова јавно претпријатие истото е во загуба. Посочи дека приходите кои се остваруваат  на месечно ниво се доволни само за рата за струја и исплата на плати.

- И покрај што ЈП„ Исар“  ги презема сите неопходни активности за намалување на електричната енергија некои работи не зависат од нас, односно тоа е диктираната цена за електирчна енергија. Ние имаме од месец мај нов добавувач на електирична енергија, но цената за струја , заедно со производството на вода кое го плаќаме од ХС „Злетовица“ изнесува околу шест милиони денари месечно, што значи дека претпријатието повторно има големи суми за плаќање за производство на вода и електрична енергија. Пак ќе кажам не е тоа зависно од работата на јавното претпријатие туку од високата сметка за електрична енергија која ја имаме во цела држава, вели Здравков.

Штипски „ Исар“ и понатаму „плива“ во долгови со оглед на фактот дека се отплаќаат рати за кредит, како и стари долгови за струја.

- Откако дојдовме во јавното претпријатие веднаш бевме приморани да плаќаме 3,7 милиони за кредит, исто така заостанат долг за струја, трите сметки кон ЕВН околу 40 милиони денари.Првите три месеци склучивме спогодба и тие ги плаќаме на рати. Имаме 25 до 26 милиони денари месечно трошоци, што е за 20 до 30 отсто месечно повеќе од вкупниот приход кој го остваруваме, додаде Здравков.

Највисоката сметка за струја, која „Исар“ ја доби е во во јануари и изнесува 19 милиони денари.вдј/фф/

Остани поврзан