• недела, 24 ноември 2024

Штипски „Исар“ доби помала сметка за струја, во споредба со минатите два месеца

Штипски „Исар“ доби помала сметка за струја, во споредба со минатите два месеца
Штип, 20 април 2022 (МИА) - Диструбуцијата на водата од Хидросистемот „Злетовица“ до штипската Филтер станица драстично ја намали сметката за струја на ЈП „Исар“-Штип. Директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, вели дека сметка за март е девет милиони денари, за разлика од јануари кога им беше доставена сметка од 19 милиони денари. - Направивме максимални напори да го стабилизираме напојувањето со струја во јавното претпријатие. За разлика од месец декември, кога имавме потрошувачка од 750 мегавати месечно, во месец март потрошувачката ја намаливме на 250 мегавати, што значи дека секој нареден месец стигнуваат помали сметки за струја. Но не зависи се од нас. Впрочем, за месеците јануари и февруари берзанската цена беше 17 денари, а за месец март е 26 денари. Со оглед на тоа ние сега сме стабилизирани. Кризата за електрична енергија ги погодува сите, па така и нас. Се надевам дека во иднина ќе се намали таа цена за јавното претпријатие да плаќа уште помали сметки и да се извлечеме од оваа криза, вели  Здравков. Штипското комунално претпријатие се дави во долгови, а во моментов отплаќа и долг на ЕВН и кон претходниот добавувач на електрична енергија. Месечните рати за отплата на долговите за струја изнесуваат 2.500.000 денари. Долгот кон приватниот добавувач изнесуваше 30 милиони, а сега е 23 милиони денари. - Јавното претпријатие согласно со своите примања и финансиски способности долгот кон ЕВН го плаќа на месечни рати, гледаме да одвојуваме колку што може повеќе. Но мора да плаќаме и кон нашиот претходен добавувач, кон кого имавме заостанат долг од 30.000.000 денари, така што ние штедиме од месец за месец и се трудиме да ги сервисираме нашите долгови, додаде Здравков. Во моментов Штип се снабдува со вода преку дуален систем на водоснабдување. Претежно водоснабдувањето е од ХС Злетовица, но при поголеми дождови и заматување на водата се вклучуваат и бунарите. Во текот на март работела само една пумпа, а дуалниот систем се користи во однос 80% – 20%. вдј/оџ/

Остани поврзан