• четврток, 26 декември 2024

Штипскиот Центар за култура ќе има богата програма

Штипскиот Центар за култура ќе има богата програма

Штип, 4 септември 2023 (МИА) - Ликовни изложби, театарски претставувања и богати фестивалски денови нуди штипскиот Центар за култура ,,Ацо Шопов" за септември, најави на денешната прес- конференција директорот, Горан Трајков. Тој истакна дека традиционално ќе се одржи Фестивалот „Малиот принц“, а на нов фестивал оваа година ќе се промовира иднината на зелената енергија. Во текот на овој месец ќе има и повеќе репризни изданија на театарските претстави во изведба на штипскиот театарски ансамбл.

-Ќе имаме Electrify the future, тоа е фестивал на којшто ќе ја промовираме иднината на зелената енергија или на обновливите извори, каде што ќе биде претставена и првата централа од Центарот за култура во нашата држава. Традиционално го одржуваме и Фестивалот за деца „Малиот принц“, кој е 11. по ред, ќе се претстават шест театарски претстави и еден театарски перформанс, којшто ќе биде пред Платото, како и минатата година, но оваа година со збогатена програма, рече Трајков.

На 13 септември ќе се одржи концертот на Фолтин, а ќе може да се проследат и детските музички фестивали „Весело штурче“ и „Распеани срца“, како и фестивалот „Астибо Фест“. Од 15 септември со работа ќе почне и Ликовното ателје и Драмското студио.

-Ќе имаме самостојна изложба на ликовната уметница Ана Ивановска од Скопје. За првпат ја поддржуваме и истата е специјално изработена за НУЦК „Ацо Шопов“ од Штип, а е поддржана од Министерството за култура, така што ќе имаме можност да видиме една несекојдневна изложба на оваа уметница, вели Трајков.

Посочи дека е подготвена богата програма, која е прилагодена за сите генерации, па ја покани публиката да биде дел од културно-програмскиот септември. вдј/сх/ 

Фото: МИА

Остани поврзан