• четврток, 26 декември 2024

Штипскиот Совет за превенција ќе делува поокординирано

Штипскиот Совет за превенција ќе делува поокординирано
Штип, 17 март 2022 (МИА) - Поголема координираност на терен меѓу локалните и државните институции, поголем број на комунални редари и тимови од општината за да се спречи нелегалната сеча на дрва, изградбата на објекти во месноста Мирјанина црква, но и да се спречат кражбите во домовите на граѓаните. Ова е еден од заклучоците на штипскиот Совет за превенција, кој за првпат јавно дебатираше. Советот за превенција на Штип беше свикан откако пред три дена градоначалникот Иван Јорданов заедно со медиумите затекнаа дрвокрадци на локалниот пат кон селото Шашаварлија. - Законите не препознаваат етничка или верска припадност и мора задолжително да се почитуваат со цел да се зачува безбедноста на граѓаните. Советот за превенција ќе има за цел да ги превенира девијантните однесувања, поради што ќе се преземат и конкретни чекори, вели Јорданов. Институциите кои ја водат битката против криминалот, нелегалната сеча на дрва и изградба на објекти ги презентиараа и своите проблеми. Од шумска полиција посочија дека под нивни ингеренции се три општини, а имаат само деветмина шумски полицајци. Едното возило што го имаат им е нерегистрирано и им стои паркирано. Затоа секогаш во акциите им помагаат вработени во Полициската станица. - На потегот меѓу Мирјанина црква и Шашаварлија запленети се стотици запрежни коли, стари автомобили, пили и огревни дрва. Нема веќе место каде да ги чуваме бидејќи ни Агенцијата за управување со одземен имот не знае што да прави со нив. Поднесени се стотици пријави, многу често и против непознат сторител, бидејќи бегаат. Но имаме и сторители што имаат и по 50 прекршочни пријави, рече претставникот од  Шумската полиција-Штип Општинскиот градежните инспектори пак реферираше дека на терен забележале во населбата Мирјанина црква масовно се населува со луѓе од други општини. Дивоградби градат поимотни лица, а при нивното легитимирање за да се запише на чие име е нелегалниот објект едно лице им приложува и по неколку лични карти, со различно име и презиме. Командирот на Полициската станица-Штип им предложи кога ќе одат на увид службено да ги повикуваат. Директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков истакна дека нивните вработени одбиваат да одат на терен во неколку штипски населби за да откриваат диви приклучоци на водоводната мрежа, бидејќи се плашат од физички напади и загрозување на нивната безбедност. Според институциите проблем со крадците е и казнената политика. Наредниот Совет за превенција ќе биде на терен, најави Јорданов. Тој ги охрабрува граѓаните да пријавуваат со проблемите со кои се соочуваат. Најави дека на терен ќе имаат поголем број на комунални редари и на општински тимови, кои ќе одат на терен во критичните населби. вдј/мс/

Остани поврзан