• недела, 10 ноември 2024

Штипскиот Земјоделски факултет организатор на меѓународно научно советување „Агро-наука и пракса“

Штипскиот Земјоделски факултет организатор на меѓународно научно советување „Агро-наука и пракса“

Штип, 13 јуни 2024 (МИА) - Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска на едно место ги собра земјоделците, компаниите и научната фела на четвртиот меѓународно научно-стручно советување „Агро-наука и пракса“. Деканот на Земјоделскиот факултет, Емилија Арсов нагласи дека ова меѓународно научно-стручно советување е со намера да ги обедини сите релевантни фактори од земјоделскиот сектор за споделување на нивното знаење, искуство и проблеми.

Таа посочи дека една од главните цели е да се направи мост и да се овозможи силна комуникација помеѓу научно-истражувачката и практичната работа во земјоделскиот сектор, како во нашата земја, регионот, така и поширко, со што ќе се добие меѓународна димензија.

- Имајќи ги предвид сите промени кои ни се случуваат во животната средина, климатските промени, температурните промени, коишто влијаат како на луѓето, така и на растителниот и животинскиот свет мора науката силно да се поврзе со праксата за да може да имаме достигнување, односно да може да одговориме на предизвиците. Затоа и оваа година имаме атрактивни теми на нашето меѓународно советување, вели Арсов.

Горан Басовски, претставник од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР) вели дека последните години се потопли, а вегатицијата на растенијата е поместена за две до три недели. Со намалување на приносите, земјоделците ќе го платат данокот од климатските промени. Тој забележа дека токму температурните промени носат и поместување на работата на земјоделци на нивите и предизвикува, како што вели, мал ризик за појава на мразеви. Според него, оваа година растенијата не биле подложни на пролетните мразеви. Но, глоболнато затоплување е причина за појава на многу болести и инсекти посебно кај житните култури.

-Почетокот на жетвата ќе биде порано од претходно. Ќе се намали периодот на вегетација и некаде може да се одрази на самиот принос, односно да се намали, изјави  Басовски.

Тој забележа дека е потребна поголема анализа за влијанието на климатските промени врз земјоделските култури, а нашата земја околу половина век ги мери температурните промени. Смета дека е потребен подолг временски период за да се соберат податоците и да се направи анализата за влијанието на климатските промени врз производството на храна.

Бубе Трајковски, еден од најголемите производители на житни култури во земјава, истакна за да имаме одржливо производство на житни култури кои ќе дадат добри приноси и покрај климатските промени потребно е користење на фунгициди. Трајковски успеал да го дуплира производството на житото.

- Сега последните години имаме сериозни проблеми со временските услови, а тоа предизвикува големи стресови на растенијата. Веќе не може да се произведува без употреба на фунгициди. Ние сме од ретките кои вршиме заштита на житариците,одиме со три до четири третмана. Врз база на користење на фунгицидите добиваме одлични резултати. Може да се пофалиме со приноси на пченица од шест до осум тона, рече Трајковски.

Универзитетскиот професор Илија Каров, кој има истражувања во делот на кочанскиот ориз, истакна дека научната фела треба  да работи на откривање на нови хибриди кои ќе бидат отпорни и прилагодливи на новите климатски услови.

-Значи потребно е сорти со пократка вегетација, издржливи на суша, но и ќе бидат пониски. Тоа знаачи дека ќе немат толку голема лисна маса. Едноставно треба да бидат прилагодливи на новонастанатите услови и климатски промени коишто се очекуват, рече Каров.

На денешното меѓународно стручно советување на Земјоделскиот факултет присуствуваа и студентите, кои велат дека нивната идна струка и дефицитарна, а во иднина ќе биде и барана. вдј/цр

Фото: МИА

 

Остани поврзан