• сабота, 23 ноември 2024

Штипска Брегалница се дави во отпад, пречистителната станица актуелна осум години

Штипска Брегалница се дави во отпад, пречистителната станица актуелна осум години

Штип,  24 март 2004 (МИА) - Пластични шишиња, ќеси, лименки, телевизори, делови од автомобили, градежен шут го „красат“ коритото, но и водата во реката Брегалница, почнувајќи од бањата „Кежовица“ се до мостот на експресниот пат Штип-Радовиш, каде е главната колекторска цевка на градот Штип.

МИА на 22 март кога штипјани го празнуваат неколкувековниот обичај „Четрсе“ и доаѓањето на пролетта беше во обиколка на овој потег на реката во должина од неколку километри.

Првата локација е од бањата „Кежовица“ по течението на реката Брегалница во правец кон месноста „Калимерово“ и покрај патот кој води до депонијата „Трештена скала“. Природата се разбудила и е раскошна, но оваа исконска убавина, некој непознат „сторител“ успеал да ја нагрди. Секаков отпад во водата, а на брегот купишта од градежен шут и секаков отпад.

Втората локација на реката Брегалница е „Калимерово“ или „Четврти километар“, каде се наоѓа главната колекторска цевка на градот Штип. Сите фекални и индустриски води од домаќинствата и индустриските капацитети директно се испуштаат во најголемата река на источниот регион.

На самиот паркинг на патот кој води до клучката за експресниот пат Штип-Радовиш, истата слика - секаков отпад, гуми, картонски кутии, пластична амбалажа, лименки.

Возачите и патниците кои поминуваат по овој мост патувајќи кон Радовиш и Струмица или во обратен правец кон Велес и Скопје чувствуваат неподнослива реа, која доаѓа токму од отпадната вода од оваа колекторска цевка за градот Штип. Смрдеата од фекалните и индустрсиките води сама по себе говори колкав е степенот на загаденоста и квалитетот на водата на реката Брегалница на ова место, за штипјани  познато како „Четврти километар“ или „Калимерово“.

Квалитетот на водата на Брегалница во штипскиот регион е меѓу трета и четврта класа

Деканот на Природно-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, Ѓорѓи Димов вели дека испитувањата што ги правеле пред три години покажале дека водата е загадена.

- Реката Брегалница во долниот тек е загадена, а нејзината вода е од класа четири, покажаа мерењата пред три години, а објавени пред  две години, кои ги направија Здружението „Медиа плус“ и лабораторијата Амбикон при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, вели Димов. Според резултатите, оваа река во делот на штипскиот регион е на ниво на канализациона мрежа, бидејќи водата е богата со бактерии од фекално потекло.

Димов во видео разговор во прес-центарот на МИА во Штип појаснува дека научниците го мерат степенот на загаденост на водата во реките и езерата доколку им треба податок за научни трудови или ако ги ангажираат невладините организации, каков што бил примерот со кампањите  „Разбистри се“ на Институтот за комуникациски студии и на „Медиа плус“.

- Тоа беше проект што го правевме со невладиниот сектор на нивна иницијатива. Се земаа неколку проби, чисто онака школски, показни, да го видиме квалитетот на почвите и седиментите во река Брегалница. Последната мислам дека ја правевме пред две години. Од тогаш не сме имале активности. Не знам дали некој, дали Министерството за животна средина имало некои активности со понови испитувања на состојбите или Хидрометереолошкиот завод, којшто веројатно има обврска да го следи тоа. Не знам, за 2023 не сум видел податоци, а во  2022 година што ги видовме, посебно за квалитетот на водите, особено во есенскиот дел не беше многу добро, вели Димов за МИА.

Димов забележува дека анализите во кој и тој учествувал пред две години покажале дека во штипскиот регион постои голем комунален притисок на реката Брегалница и тоа од нетретираните води од канализационата мрежа и индустриските води.

- Мерењата покажаа дека ефектот на сезонска промена на квалитетот на водата е најалармантен кај микробиолошкото загадување, со присуство на колиформни бактерии од фекално потекло и Ешерихија коли. Квалитетот на водата е меѓу 3 и 4 класа според бактериска контаминација. Нивото на растворени метали е под пропишаните максимално дозволени вредности за класа еден-два, со исклучок на железото, вели Димов.

Во реката Брегалница биле забележани и високи концентрации на фосфор, што според заклучоците од мерењата, може да се должи на лошите земјоделски практики со прекумерна употреба на ѓубрива и нетретираните комунални води. Фосфорот е посебно присутен во детергентите и средствата за хигиена, како и во испуштањата од фармите. Концентрацијата на вкупниот фосфор е забележана во есенските мерења, со што водата ја става во класа 4.

Пречистителната станица за отпадните води за Штип „актуелна“ осум години

Брегалница од Малешевијата, каде се изворите, се до вливот во реката Вардар поминува 225 километри, а оваа река која дава живот на источниот регион има и шест притоки. Изминатите години оваа река доживеа повеќе еколошки катастрофи. Риболовците и новинарите информираа и за помори на риби, почнувајќи од Берово и Делчево, завршувајќи во нејзниот долниот тек кај Штип.  Загадувањето беше  со различни хемиски супстанци, кои реката ја обојуваа во црвена, црна, сина, а на одредени места се покажуваа и мрсни дамки. Спортските риболовци, екологистите и граѓаните на Штип бараат изградба на пречистителна станица за отпадни отпади. Проект има и е актуелен осум години.

Тоше Ѓеоргиевски, раководител на Секторот за инспекции во Општина Штип, од 2016 година е вклучен во проектот за пречистителна станица. Тој за МИА вели дека првичниот проект морал да биде ревидиран, по што новите пресметки покажуваат дека изградбата ќе чини 32 милиони евра, вклучувајќи ги и колекторските цевки и санација на канализационата мрежа. Посочува дека Општина Штип и  министерствата за финансии и животна средина и просторно планирање заеднички работат на проектот преку ИПА 3 компнонентата.

- Во 2016 година беа обезбедени средства за изготвување на целосна техничка документација, која заврши во 2018 година, кога требаше да биде распишан тендерот, но за жал, наместо за општините Штип и Велес, беше распишан јавен повик за изградба на пречистетелни станици во Тетово и во Битола. Во 2019 година повторно се започна со ревидирање на проектната документација, бидејќи постара документација од четири години, Европската унија не признава без да се изврши ревизија и преработка на истата, бидејќи знаеме дека и цените на градежните материјали не се исти од 2016 до 2019 година, појаснува Ѓеоргиевски.

Додава дека во изминатите две години интензивно се работело на ревидирање на проектот, опфаќајќи и изработка на нови физибилити, хидролошки студии, анализа, продолжување на сите дозволи, со што се добиени и нови податоци за количината на отпадните води и водотекот на Брегалница.

- Оваа документација сега се подготви. По новата анализа, пречистителна станица заедно со изградба на колекторски систем и негова надградба со три километри, кои ќе ги опфаќа населените места Чардаклија и Караорман, реконструкција на постоечкиот во должина од девет километри, како и на оние поголемите канализациони системи кои се над фи-400, од кои на некои ќе има реконструкција, а има и изградба на сосема нови, ќе чини околу 32 милиони евра, вели Ѓеоргиевски.

Вели дека се очекува ЕУ да даде зелено светло за распишување на тендерската постапка, којашто е подготвена, а во меѓувреме Општина Штип работи на градежното одобрение за реализација на целиот проект.

-Во тек е и експропријација на приватните имоти, каде што ќе поминуваат овие канализациони системи. За Штип, како што веќе имаме информации од Европската делегација во нашата земја, има доволно средства и 100 проценти ќе биде грант од државата и од ИПА средствата, вели Ѓеоргиевски.

Пречистителната станица за отпадни води ќе се гради каде што сега е главната колекторска цевка, од којашто директно се испушта отпадната вода во Брегалница. Овој објект кај местото „Четвртиот километар“ ќе има и фотоволтаична централа, со цел да се намалат трошоците за електрична енергија. По течението на реката Брегалница има изградено две големи пречистителни станици во Берово и Кочани. Средствата се обзебедени од Швајцарија, а исто така изградени се и неколку помали пречистителни станици во руралните средини по течението на Брегалница. Со изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Општина Штип, ќе биде целосно покриен Брегалничкиот регион и ќе има третманот на отпадните води од домаќинствата и индустриските капацитети.

Викторија Димитрова-Јованова

Видео и фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан