• четврток, 26 декември 2024

Штипската населба Автокоманда добива нов уреден паркинг простор

Штипската населба Автокоманда добива нов уреден паркинг простор

Штип, 27 јануари 2024 (МИА) - Триесетина паркинг места ќе добие штипската населба Автокоманда откако Општината одлучи еден неуреден простор да го трансформира во паркинг-површина.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека  просторот, кој денеска се подготвуваше, се наоѓа помеѓу зградите на улиците „Браќа Даневи“ и „Солидарност“, а ќе се асфалтира во текот на наредните денови согласно со временските услови.

-Во минатото била една руинирано место со смет, шут, наноси на земја, неискористена површина. Одлучивме да ја уредиме оваа површина, да ја подготвиме деновиве за асфалтирање, да ја осветлиме и со тоа да обезбедиме триесетина паркинг-позиции за жителите од станбените згради на двете улици. Вкупната инвестиција е нешто повеќе од 1 милион денари од буџетот на Општина Штип, од парите на граѓаните коишто ќе бидат директно инвестирани за овозможување едно нормално живеење на жителите, вели Јорданов.

Тој додаде дека површината нема да биде доволна за сите жители на станбените згради од овие улици, зашто бројот на возила постојано се зголемува. Засега минимално ќе ја подобри сликата во оваа населба, а понатаму дополнително ќе се работи и на други вакви површини за паркирање.

-Секако дека, со оглед на тоа што бројот на возила се зголемува, нема ова да биде доволно за да се задоволат потребите на околните станбени згради. Предвидуваме од година во година, согласно со конфигурацијата на терен, согласно со местата кои ни се на располагање, да ги преуредиме и да бидат за потреба на граѓаните, рече Јорданов.

Штипскиот градоначалник, Јорданов најави дека и во следните денови продолжуваат со вакви проекти, пред сѐ со асфалтирање улици, а напролет ќе има секојдневни активности.

-Програмата за уредување на градежно земјиште предвидува повеќе од 50 улици коишто ќе бидат рехабилитирани, реконструирани, одредени капитални инвестиции кои ќе бидат најавени или веќе се најавени, така што, зависно од временските услови, напролет очекуваме да започнеме со секојдневни активности, со градежни работи, додаде Јорданов.

Ова е втора ваква површина во оваа населба откако пред една година беше асфалтиран паркинг-простор од околу 1.000 метри квадратни помеѓу улиците „Солидарност“, „Браќа Даневи“ и „Петти конгрес“.вдј/свс

Фото: МИА

Остани поврзан