• четврток, 26 декември 2024

Шпанскиот туризам во април блиску до нивото пред пандемијата

Шпанскиот туризам во април блиску до нивото пред пандемијата
Мадрид, 2 јуни 2022 (МИА) - Шпанија во април ја посетиле речиси десет пати повеќе странски туристи отколку во истиот месец минатата година, а нивната потрошувачка речиси го достигнала нивото пред пандемијата, покажуваат податоците на Заводот за статистика. Шпанија во април регистрирала 6,1 милиони туристи, во споредба со 629.000 во истиот период минатата година. Тие потрошиле 6,9 милијарди евра, околу десет пати повеќе отколку во 2021 година и само малку помалку отколку во истиот месец од пред пандемијата во 2019 година, објави ИНЕ.
„Гостите трошеа повеќе во просек и остануваа подолго отколку пред пандемијата. На пат сме кон поквалитетен и попрофитабилен туристички модел, рече министерката за туризам Рејес Марото, изразувајќи надеж дека потрошувачката до крајот на годината ќе го достигне нивото од пред пандемијата. Таа е оптимист и за прогнозите за 2023 година. „Нашите изгледи за следната година се многу позитивни. Војната во Украина и нејзините економски последици не влијаат на закрепнувањето на туризмот, но мора да бидеме внимателни“, рече Марото.
Пред пандемијата  на Ковид - 19, туристичкиот сектор сочинуваше 12 отсто од БДП на Шпанија, но до средината на 2020 година тој беше речиси целосно блокиран со строгите ограничувања на меѓународните патувања за борба против коронавирусот. Во 2021 година почна полека да закрепнува, паралелно со ублажувањето на мерките. паг/  

Остани поврзан