• сабота, 23 ноември 2024

Шпанскиот премиер одби да сведочи во истрагата за неговата сопруга

Шпанскиот премиер одби да сведочи во истрагата за неговата сопруга

Мадрид, 30 јули 2024 (МИА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска одби да одговори на прашањата на судијата во Мадрид, кој ја испитува неговата сопруга за можна корупција и трговија со влијание.

Судијата Хуан Карлос Пеинадо дојде во владината палата во Монклоа, на северот од градот, за да го испраша Санчез како сведок.

-Судијата му постави две прашања. Дали е поврзан со лицата под истрага и дали сака да сведочи. Санчез одговори дека Бегона Гомез е негова сопруга и дека не сака да сведочи, изјави за медиумите адвокатот на сопругата на Санчез.

Социјалистичкиот премиер на тој начин го искористи своето право да не одговара на прашања за истрагата што започна во април против Бегона Гомез. На почетокот на овој месец, таа исто така одби да одговори на прашањата на истиот судија како осомничена.

Нејзин адвокат е Антонио Камачо, поранешен министер за внатрешни работи во социјалистичката шпанска влада.

Обидот за испрашување на Санчезес е дел од прелиминарната истрага за тоа дали Бегона Гомез ја искористила својата позиција како сопруга на премиерот за да обезбеди спонзори за магистерски универзитетски студии во Мадрид што таа го водеше.

Се сомнева дека за возврат давала препораки на приватни претприемачи кои се пријавиле на јавни тендери и на тој начин ги добивале парите на даночните обврзници. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан