• четврток, 26 декември 2024

Шпанската влада ја симнува тајноста од документите за прислушување на каталонскиот претседател Арагонес

Шпанската влада ја симнува тајноста од документите за прислушување на каталонскиот претседател Арагонес

Мадрид, 17 јануари 2024 (МИА) - Шпанската влада се согласи да ги декласифицира документите за прислушувањето на мобилниот телефон на каталонскиот претседател и лидер на сепаратистичката партија ЕРЦ, Пере Арагонес, извршено од агенти на Националниот разузнавачки центар (ЦНИ), кои користеле израелски шпионски софтвер Пегасус.

Арагонес, минатиот декември, ја обвини ЦНИ дека го шпионирала неговиот мобилен телефон со програмата Пегасус во периодот меѓу јули 2018 и март 2020 година, кога тој беше потпретседател на каталонскиот регион, јавија шпанските медиуми.

-Докажано е дека сме шпионирани. Извештајот на Мосос (каталонската полиција) постојано потврдува дека се случило она што го негираа од почетокот и јасно е кој го сторил тоа и обвинителството не може ништо да сокрие, рече Патриша Плаха, портпаролка на каталонската Влада, пренесува „Ел Периодико де Каталуња“.

Портпаролката додаде дека декласификацијата на документите поврзани со прислушувањето на Арагонес „на никој начин“ не влијае на националната безбедност на Шпанија.

Арагонес во јули минатата година поднесе тужба против израелската група НСО, која го продава системот Пегасус, и против Пасо Естебан, поранешен директор на ЦНИ, кој беше отпуштен од владата неколку дена претходно, по избувнувањето на скандалот со шпионирање во кој беа вклучени неколку каталонски сепаратистички лидери, шпанскиот премиер Педро Санчез и неколку министри во неговата влада.

Веста за делумното декласифицирање на тајните документи доаѓа само еден ден откако шпанските медиуми објавија случај за незаконски истраги против каталонските сепаратистички лидери под владата на поранешниот шпански премиер Маријано Рахој.

Плаха денеска нагласи дека доколку Рахој „знаел и не ги спречил“ акциите на таканаречената „патриотска полиција“, тогаш „ги поддржувал и бил соучесник“ во нив. сд/

 

Остани поврзан