• петок, 27 декември 2024

Шпанската влада е против создавање центри за мигранти во земји надвор од ЕУ

Шпанската влада е против создавање центри за мигранти во земји надвор од ЕУ

Мадрид, 16 октомври 2024 (МИА) - Портпаролката на шпанската влада Пилар Алегрија денеска изјави дека Мадрид се противи на создавање центри за мигранти во земји надвор од ЕУ, според моделот на договорот меѓу Италија и Албанија, откако претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен ги повика лидерите на Унијата да го разгледаат ова прашање.

Алегрија потсети дека шпанската влада веќе го изразила своето противење за создавање ваков тип центри во трети земји и нагласи дека Мадрид во Европа ќе продолжи да ја брани „хуманитарната“ примена на Пактот за миграција и азил, пренесува Ефе.

Таа нагласи дека владата ќе продолжи да работи на ова и ја потврди посветеноста на Мадрид за создавање безбедни миграциски рути.

Како што наведува Алегрија, шпанската влада ќе ја продолжи соработката и со земјите на потекло и транзит на мигрантите против „мафијата што тргува со луѓе“, применувајќи политика која успеала да запре, како што тврди, до 40 проценти од нерегуларните заминувања од овие земји.

Во исто време, високиот функционер на Канарските Острови, Мануел Домингез, изрази подготвеност да ја разгледа иницијативата на Фон дер Лајен.

Претходно, Фон дер Лајен повика на разгледување на можноста за создавање „центри за враќање“ во земји надвор од ЕУ во писмо до лидерите на ЕУ за нерегуларната миграција, наведувајќи го договорот меѓу Италија и Албанија како можен модел.

Фон дер Лајен, исто така, ги пофали контроверзните договори на ЕУ со Тунис и заедничката работа со либиските власти, што вклучува европско финансирање за овие земји за задржување на мигрантите на нивните територии, што наиде на осуда од групите за човекови права.

„Треба да ги истражиме можните начини за движење напред во однос на идејата за развој на центри за враќање во земји надвор од ЕУ, особено во поглед на новиот правен предлог за враќање“, напиша претседателката на ЕК.

Лидерите на ЕУ во четврток и петок треба да се сретнат на самит за миграцијата, откако Комисијата соопшти дека ќе предложи нови мерки, објави Гардијан. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан