• среда, 18 декември 2024

Шпанија е против предлогот на ЕУ за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто

Шпанија е против предлогот на ЕУ за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто
Мадрид, 20 јули 2022 (МИА) - За шпанската Влада предлогот на Европска Унија за 15 отсто намалување на гасот за сите земји-членки на ЕУ, го оцени како неправеден и неефикасен. Шпанската министерка за еколошка транзиција Тереса Рибера истакна дека Мадрид ќе се спротивстави на наметнување на обврски „што се под тоа што и припаѓа“.

- Шпанските семејства нема да трпат прекини на гас или електрична енергија во нивните домови. Шпанија ќе ја брани позицијата на шпанската индустрија, истакна Рибера, додавајќи оти сепак Шпанија сака да се солидаризира со другите членки на ЕУ.

Европската комисија денеска предложи во следните осум месеци земјите-членки на ЕУ да ја намалат потрошувачката на природен гас за 15 отсто, со цел овој енергенс да биде доволен за основни услуги во текот на зимата, доколку Русија целосно го прекине снабдувањето. Првичните намалувања би биле доброволни. ЕК, исто така, побара ингеренции да воведе задолжителни намалувања во ЕУ, во случај „да постои значителен ризик од сериозен недостиг на гас или исклучително висока побарувачка“ за енергетскиот производ. За планот треба да се дискутира на состанокот на Европскиот совет на 26 јули. Планот предвидува секоја земја да направи се за да ја намали потрошувачката на гас во периодот од август 2022 до март 2023 година во споредба со просекот од изминатите пет години. ми/

Тагови

Остани поврзан