• среда, 27 ноември 2024

Шпанија до 2027 година ќе издвои 12 милијарди евра за да го поправи недостигот на вода

Шпанија до 2027 година ќе издвои 12 милијарди евра за да го поправи недостигот на вода

Мадрид, 13 септември 2023 (МИА) - Шпанија ќе потроши околу 12 милијарди евра до 2027 година за да го поправи хроничниот недостиг на вода предизвикан од глобалното затоплување, со развој на отсолување на морската вода и повторна употреба на отпадните води, објавија денеска локалните власти.

Тој вкупен износ, спомнат за прв пат од извршната власт, ги комбинира парите веќе наменети како дел од плановите изгласани во последните месеци кои влијаат на различните хидролошки басени во земјата. Вклучува и мерки донесени поради сушата со која се соочува земјата веќе две години.

-Климатските вонредни ситуации предизвикуваат се почести и поинтензивни суши, а Шпанија е во ситуација на поголема ранливост од другите земји-членки на Европската унија (ЕУ), се наведува во заедничкото соопштение на министерствата за еколошка транзиција и за земјоделство.

Според Владата, овие пари ќе бидат наменети главно за развој на инфраструктура за отсолување и повторна употреба на отпадните води, но и за подобрување на цевководниот систем со цел да се намалат загубите, пренесува Бета.

Дел од парите се наменети за поттикнување на развојот на нови технологии и вештачка интелигенција во управувањето со водите.

Шпанија од 2021 година минува низ период на исклучителна суша, а обилните дождови кои паднаа во последните денови не успеаја да ја подобрат состојбата.

Според владините податоци, 27,4 отсто од територијата на Шпанија во моментов е во состојба на готовност поради недостиг на вода.

Недостигот од врнежи се одразува на земјоделското производство кое годинава се очекува да опадне, велат надлежните.

Затоа, производството на жита не треба да надминува 11 милиони тони, во споредба со 18 до 24 милиони во нормални времиња. Ова ќе ја принуди Шпанија да увезува многу повеќе од вообичаено за да ги задоволи своите потреби. мс/

Остани поврзан