• среда, 18 декември 2024

Шолц: Претстојните избори ќе претставуваат фундаментална одлука за иднината на Германија

Шолц: Претстојните избори ќе претставуваат фундаментална одлука за иднината на Германија

Берлин, 30 ноември 2024 (МИА)  - Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц денеска ја започна својата изборна кампања, речиси три месеци пред предвремените парламентарни избори, а канцеларот во својот прв голем предизборен говор пред околу 500 членови на партијата во Берлин рече дека претстојните избори ќе претставуваат фундаментална одлука за иднината на Германија, наведувајќи дека безбедноста, напредокот и работните места се загрозени.

-Сега е време решително да продолжиме со обновата на Германија, изјави Шолц, кој е кандидат на СПД за канцелар, објави германскиот портал Тагешау.

 Тој рече дека СПД е „гласот на вредните и пристојните“.

 Шолц предложи четири точки за извлекување на Германија од економската криза, а тоа се обезбедување работни места во индустријата, особено автомобилската индустрија, евтина енергија за економијата, зголемени инвестиции во инфраструктурата и зголемување на бројот на квалификувани работници.

Тој посочи дека Германија се соочува со различни закани, како војна во Европа, економски превирања, растечки екстремизам.

-Во такви сериозни времиња, на нашата земја и треба сериозна, одговорна политика, рече Шолц.

Според последните анкети, СПД има поддршка од 14 отсто од гласачите.

 СПД се залага за безбедни пензии, поволни кирии, поволно здравство, како и зголемување на минималната плата, потсетува порталот.

Предвремените парламентарни избори во Германија се закажани за 23 февруари, откако владејачката коалиција се распадна овој месец, затоа што не успеа да се договори за политиката за излез од економската криза.сд/

Остани поврзан