• среда, 20 ноември 2024

Шолц: Нема да и дозволиме на Украина да ја гаѓа руската територија со оружјето што Берлин му го испорача на Киев

Шолц: Нема да и дозволиме на Украина  да ја гаѓа руската територија со оружјето што Берлин му го испорача на Киев

Берлин, 2 мај 2023 (МИА) - Германија нема да дозволи Украина да ја гаѓа руската територија со оружјето што Берлин му го испорача на Киев, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.

Германската влада се воздржува од какви било унилатерални чекори кога станува збор за вооружувањето на украинскиот режим на Володимир Зеленски и дејствува само во координација со сојузниците, нагласи Шолц за време на состанокот со граѓаните во западната покраина Рајнска област-Пфалц и додаде дека Берлин има намера да се држи до таа позиција и во иднина.

„За нас е важно оружјето што и го доставуваме на Украина за одбрана да не се користи во напади на руска територија“, посочи канцеларот и истакна дека иако Германија и помага на Украина со оружје, вклучително и борбени тенкови Леопард 2, Берлин прави се за да се избегне ескалација што може да доведе до директен конфликт меѓу НАТО и Москва.

Спротивно на денешната изјава на Шолв, германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, минатиот месец кажа дека е „сосема нормално“ Украина да изведува удари внатре во Русија за да ги „пресече патиштата за снабдување“, но и од други воени причини. Писториус тогаш не кажа ништо за потеклото на оружјето што Киев може да го користи во такви операции, иако прецизираше дека цивилите не треба да бидат цел на напади.

Од почетокот на украинската војна во февруари 2022 година, руските региони Брјанск, Белгород и Курск, кои се граничат со Украина, беа цел на бројни напади со беспилотни летала и ракети од страна на силите на Киев. Нападите беа насочени кон енергетската инфраструктура и станбените области, а имаше неколку загинати, многу повредени цивили, како и материјална штета.

Москва долго време предупредува дека употребата на западно оружје од Украина за напади на руска територија ќе ја смета како „црвена линија“.

Официјална Москва,  исто така, тврди дека НАТО води прокси војна против Руската Федерација преку Украина, имајќи предвид дека САД, Велика Британија, Германија и нивните сојузници го снабдуваат Киев со оружје и муниција, ги обучуваат украинските војници и разменуваат разузнавачки информации, што ги прави де факто учесници во конфликт.

Остани поврзан