• петок, 08 ноември 2024

Шолц на КОП27 ја отфрли можноста за обновување на фосилната енергија во светот

Шолц на КОП27 ја отфрли можноста за обновување на фосилната енергија во светот
Шарм Ел Шеик, 7 ноември 2022 (МИА) – Германскиот канцелар Олаф Шолц на климатската конференција на ОН КОП27 во Египет цврсто ја отфрли можноста за обновување на употребата на фосилни горива во светот. - Не треба да има светско обновување на фосилните горива. А за Германија, велам дека нема да има, рече Шолц на самитот за климата во египетското летувалиште Шарм Ел-Шеик. Германија е еден од најголемите европски загадувачи со стакленички гасови. - За нас е појасно од кога било дека иднината ѝ припаѓа на енергијата на ветерот, сончевата енергија, зелениот водород, додаде германскиот канцелар. Поради руската инвазија врз Украина и последиците врз снабдувањето со енергија на Германија, Берлин привремено повторно ги отвори електраните на јаглен. Но, Шолц увери дека се работи за „краток период“. - Решени сме да излеземе од јагленот, рече германскиот канцелар, која ја предводи коалицијата составена од неговите социјалдемократи, зелени и либерали. Германската Влада одлучи да ја продолжи работата на неколку електрани на јаглен до пролет 2024 година, но останува посветена на прекинување на овој вид на производство на енергија до 2030 година. Шолц смета дека транзицијата кон обновливите извори на енергија не е само климатски, економски и еколошки императив, туку и безбедносен императив, што се рефлектира во зависноста на Германија од руската енергија. - Сето ова ја прави централната задача на нашето време уште поитна, имено да се ограничи затоплувањето на планетата на 1,5 степени Целзиусови, рече Шолц. Германија планира да постигне јаглеродна неутралност до 2045 година. Тој рече дека земјите во развој, кои се помали загадувачи, но често се најпогодени од последиците од затоплувањето, со право бараат меѓународна солидарност. - Подготвени сме да им дадеме уште поголема поддршка, рече тој и вети дека Германија ќе го зголеми својот придонес во борбата против глобалното затоплување на шест милијарди евра годишно во 2025 година, од 5,3 милијарди во 2021 година. - Ќе ги поддржиме земјите кои се најпогодени од климатските промени за да се соочат со загубите и штетите, рече Шолц. Тој се заложи за воспоставување на глобален штит против климатските ризици и рече дека Германија ќе придонесе со 170 милиони евра. јт/

Остани поврзан