• четврток, 26 декември 2024

Шолц ги посети поплавените региони во југозападниот дел на Германија

Шолц ги посети поплавените региони во југозападниот дел на Германија

Берлин, 18 мај 2024 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.

Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.

Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.

„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.

Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.

Неколку згради во градот се евакуирани бидејќи куќи и подруми се поплавени. Автомобилите беа делумно потопени, а улиците се наполнија со вода.

Градот воспостави алтернативно сместување во училиштата и телефонска линија за погодените од поплавите.

Засега нема информации за точниот обем на штетата, ниту пак пријавени жртви.

Повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар наврнаа во Сар за помалку од 24 часа, според вчера објавените податоци на германската метеоролошка служба. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан