Шолц: Германската морнарица ќе се приклучи на дополнителна мисија на НАТО во Балтичко Море
- Германската морнарица ќе испрати бродови за одбрана на инфраструктурата во Балтичкото Море поради загриженоста од така наречената руска „флота во сенка“ и неодамнешните инциденти со оштетување на подводните каблите, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц
Хелсинки, 14 јануари 2025 (МИА) – Германската морнарица ќе испрати бродови за одбрана на инфраструктурата во Балтичкото Море поради загриженоста од така наречената руска „флота во сенка“ и неодамнешните инциденти со оштетување на подводните каблите, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
Шолц, кој присуствува на Самитот во Хелсинки за безбедноста на Балтичкото Море, истакна дека Германија е подготвена да ја преземе одговорноста „со свои ресурси“ со оглед на растечката закана.
- Се разбира, тоа значи дека ќе обезбедиме и безбедност во Балтичко Море со германски бродови, посочи Шолц.
Руската „флота во сенка“ се танкери и други товарни бродови, често стари и во лоша состојба и нејасна сопственичка структура, кои Русија ги користи за извоз на нафта и други артикли и покрај санкциите воведени поради инвазијата врз Украина. Според германското Министерство за надворешни работи Русија има вкупно 79 бродови во „флотата во сенка“.
НАТО планира значително да го прошири своето присуство во Балтичко Море и почнува мисија за набљудување. Двете нови членки на НАТО, Финска и Шведска, веќе најавија дека ќе учествуваат со бродови. Во мисијата на НАТО, како што јави германската новинска агенција ДПА ќе учествуваат вкупно околу 10 бродови. Естонија веќе има брод што патролира во Фински Залив.
На самитот во Хелсинки, осумте земји-членки на НАТО со излез на Балтичко Море – Данска, Естонија, Финска, Германија, Летонија, Литванија, Полска и Шведска – се обидуваат да ги координираат одговорите на оштетувањето на инфраструктурата во морето. ми/
фото: ДПА