• среда, 25 декември 2024

Шмит: РС усвојува закони кои го поткопуваат суверенитетот на БиХ

Шмит: РС усвојува закони кои го поткопуваат суверенитетот на БиХ
Њујорк, 11 мај 2022 (МИА) – Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, денеска на седницата на Советот за безбедност на ОН изјави дека промените во уставниот поредок во Босна и Херцеговина не можат да се прават еднострано, туку само преку одлуките на државниот Парламент. Поднесувајќи извештај за ситуацијата во БиХ до Советот за безбедност, Шмит посочи дека мора да се почитуваат одлуките на Уставниот суд на БиХ и Дејтонските принципи, наведувајќи дека „заканите за уставниот поредок на БиХ доаѓаат од Република Српска“, но дека „опасни барања доаѓаат од другите делови на земјата“. Високиот претставник истакна дека повеќепати повикувал на разговори за уставниот систем, но дека, како што рече, не добил никаков одговор од РС. Тој посочи дека РС усвојува закони кои би можеле да ја загрозат уставната основа на БиХ, нарекувајќи го тоа поткопување на суверенитетот на БиХ. Шмит изјави дека Националното собрание на Република Српска (НАРС) во декември донело заклучоци со кои се предвидува трансфер на надлежностите од државно на ниво на ентитети во областа на одбраната, што би значело повлекување на РС од вооружените сили на БиХ. - Постои можност за формирање ентитетска армија, наведе Шмит. Тој додаде дека се донесени заклучоци за повлекување на РС од Управата за индиректно оданочување на БиХ (ИТА), како и дека тој го поништил Законот за недвижен имот на РС. Тој нагласи дека во другиот ентитет, Федерацијата БиХ, има пријави за прекршување на државниот имот. Шмит потенцира дека владејачката партија во РС, Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), се залага за мирна дисолуција на државата. - Овие обиди може да се запрат со помош на меѓународната заедница. Водечката партија во Република Српска повикува на мирна дезинтеграција во БиХ и законски ја дефинира Република Српска како независна во рамките на Дејтонската БиХ, нагласи Шмит. Тој додаде дека речиси 30 години од крајот на војната во БиХ, земјата повторно шпекулира за можноста за вооружен конфликт, нагласувајќи дека „е невозможно мирно одвојување во Западен Балкан“. ми/

Тагови

Остани поврзан