• недела, 24 ноември 2024

Школа за млади лидери: Младите се силата што нуди иновативни решенија за комплексните светски проблеми

Школа за млади лидери: Младите се силата што нуди иновативни решенија за комплексните светски проблеми

Охрид, 11 октомври 2024 (МИА) – Младите луѓе се моќна сила со огромен потенцијал за позитивни промени. Тие се силата што турка иновативни решенија за некои од најкомплексните светски проблеми, од климатските промени, преку нееднаквоста до геопполитичките тензии, сето тоа  преку дипломатија, интеркултурен дијалог и соработка. Нивата способност да слушаат, учат и да учат од примери покажала дека мирот не е апстрактен идеал туку нешто што активно може да се достигне преку меѓусебна почит и споделени цели. Тоа меѓу останатото беше посочено од говорниците на 15. Школа за млади лидери насловена „Лидерство за мир“ што во организација на Канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов се одржува во Охрид.

- Искуствата од изминатите 15 лидерски школи покажуваат дека младите бараат инклузивно и емпатично лидерство. Во глобализираниот свет, лидерите треба да бидат способни да ја прифатат различноста и да ги сфатат перспективите на различни групи. Емпатијата и способноста да се разберат и послушаат потребите на сите граѓани независно нивните етнички, културни или социјални разлики е клучен аспект на модерното лидерство. Младите се повеќе се определуваат за трансформативно лидерство, тоа е лидерство кога лидерите треба да бидат визионери што че ги инспирира другите да посегнат по промени, рече Ѓорѓе Иванов во обраќањето пред учесниците на собирот.

Според него, младите лидери се повеќе се насочуваат кон содавање иновативни решенија што водат кон долгорочен напредок. Младите лидери се определуваат за етичко лидерство што ја зема предвид општата благосостојба и е транспаретно во сите процеси. Тоа, според Иванов, помага во градањето доверба кај граѓаните и долгорочна политичка стабилност.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во видео-обраќањето пред младите лидери истакна дека културната диполматија во денешниот свет не само што промовира позитивен имиџ, туку придонесува и за напредок на мирот, толеранцијата и разбирањето меѓу нациите.

- Културата е есенцијален инструмент за превенирање конфликти и зајакнување на меѓународните односи.  Преку неа можеме да градиме меѓусебни врски што нема да се засноваат само врз економски и политички основи, туку и на споделени човечкови вредности и права. Учесниците на овие школи прво градат пријателства, стекнуваат способности за лидерство и се подготвуваат за предизвиците со кои ќе се соочат во иднина, рече Муцунски.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во оваа прилика посочи на улогата на Охрид како важен центар на мирот и дијалогот, местото каде што беше потпишан Охридскиот Рамковен договор како еден важен момент од поновата историја што стави крај на еден конфликт и ја отвори вратата за стабилизација на државата, но и на поширокиот регион.

- Денешната панел дискусија обработува тема која е од клучно значење за регионалната и меѓународната политика. Во ерата на глобализација, културните мостови што ги градиме се неопходни за заедничко разбирање. Тие мостови не само што ни овозможуваат да ги споделиме нашите различности, туку и да го откриеме сето она што не обединува. Одговорноста и улогата на младите лидери е да ги зацврстат овие мостови и да создадат мрежа на пријателства и соработка која ќе го зајакне нашиот глобален мир, рече Пецаков.

За да се искористи потенцијалот што го носат младите лидери, неопходна е нивна активна вклученост во процесите, во институциите, во сите сфери на општественото живеење и делување.

Меѓутоа, статистиката не оди во прилог на тие цели. Повеќе од половината од светската популација се лица под 30 години, а само 2,6 отсто од нив се непосредно вклучени во носењето политички одлуки.

Според извештајот на Интерпарламентарната унија, во 193 национални парламенти младите се застапени со само 2,87 проценти. Во 33 национални парламенти нема ниту едне пратеник до 30 години. Во Македонија застапеноста на младите во Собранието е 2,5 проценти. аб/aa/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан