• четврток, 26 декември 2024

Шилегов: Ќе продолжиме да инвестираме во противпожарната единица

Шилегов: Ќе продолжиме да инвестираме во противпожарната единица
Скопје, 15 август 2021 (МИА) - Благодарност на сите пожарникари, претставниците на армијата и полицијата и екипите од сите земји што дадоа помош при гаснењето на пожарите во државава и спречија голема материјална штета и човечки жртви кои, за жал, не беа спречени во повеќето други земји погодени од пожари и поплави, искажува градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во колумна насловена „Хероите на градот на висина на задачата“. Како што соопшти Град Скопје, Шилегов во колумната се осврнува и на напади на ВМРО-ДПМНЕ дека „никаде ги нема скалите од два милиона евра, додека Скопје тоне во пожари“, токму во моментите кога новата 45-метарска скала ја покажа сета своја ефикасност при гасење на пожарите во Охис и на катната гаража „26 јули“. -Зошто во ДПМНЕ толку упорно продолжија да ја игнорираат и да ја потценуваат ефикасноста на скопската противпожарна бригада и на новата повеќенаменска противпожарна скала, која максималната височина ја достигнува за само 20 секунди? Но, игнорирањето и потценувањето на скопската пожарна е нивни проблем. Најбитно е што нашите „херои на градот“ спречија човечки жртви и голема материјална штета. И сопствениците на „Рагуза“ изразија огромна благодарност не само до противпожарната служба за брзата интервенција, туку и до градоначалникот за набавка на противпожарната скала, потенцира тој. Шилегов посочува и на другите инвестиции во противпожарната единица. - Инвестиравме во подобрување на работните услови на „хероите на градот“, инвестиравме и во набавка на нови возила и нова опрема за да ги извршуваат своите обврски уште подобро и за да се обезбеди подобра заштита на сите граѓани. Во изминатите четири години Градот Скопје ги зголеми платите на пожарникарите, а се зголеми и капацитетот на бригадата (вработени се вкупно 41 пожарникар, а во тек е конкурсот за вработување уште 20 нови пожарникари), посочува скопскиот градоначалник. Според Шилегов, освен набавката на новата противпожарна скала со најмодерна дополнителна опрема набавени се и нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност. Обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури, а набавена е и опрема за справување со шумски пожари со што се подига нивото на заштита на природата на комплексите Водно, Сарај и Матка. Шилегов најавува зајакнување на механизмите за заштита и унапредување на политиките за намалување на емисии на штетни гасови. - За да го направиме градот Скопје поотпорен на климатските промени, ќе продолжиме со спроведувањето на политики за еколошко Скопје и за намалување на загадувањето. Ќе продолжиме со субвенционирање инвертери со кои намаливме илјадници оџаци, со расчистување депонии и нивно претворање во паркови, со спречување на палење огнови и стрништа, со поефикасно казнување на загадувачи, со зголемување на опфатот на топловодната градска мрежа, со градење вело-патеки и субвенционирање велосипеди, со воведување на брз и ефикасен јавен транспорт со модерни и ефикасни еко-автобуси, со нови зелени кровови, паркови и зелени површини итн, вели тој. Само заедно и солидарно, чекор по чекор, Скопје може да стане модерен град, кој е отпорен и имун на климатските промени, поентира градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, во својата колумна за „Слободен печат“.фф/лв/

Остани поврзан