• среда, 25 декември 2024

Шилегов на Сител: Мирот и спокојот се вратени, во недела очекувам обединување со граѓаните

Шилегов на Сител: Мирот и спокојот се вратени, во недела очекувам обединување со граѓаните
Скопје, 29 октомври 2021 (МИА) – Во Скопје го вративме мирот, заедништвото и спокојот и Скопје конечно стана град за сите, кажа кандидатот за градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов во гостувањето на Сител телевизија. Тој додаде дека било вложувано во инфраструктура во сите делови од градот и сега е важно да се заштити централното јадро и да се создаде нова зона за развој во северниот дел. - Скопје е жртва на ГУП од 2012 година, донесен од истите луѓе што сега стојат зад Арсовска и не смее новиот ГУП во 2022 година да го носат истите тие луѓе. Воедно, шиканирањето на луѓе, правењето списоци и заканите за затвор треба да останат зад нас. Во овие четири години немаме тепачки меѓу децата и во автобусите. Мирот и спокојот се вратени, кажа Шилегов, дополнувајќи дека Скопје не е вмровски град, туку град на сите граѓани. Според него, Скопје е град што не смее да престане да оди напред и, како што вели, тоа граѓаните и го препознаа во периодот меѓу двата круга. - Во недела очекувам обединување со граѓаните, заклучи Шилегов. Градоначалникот на Град Скопје Шилегов укажа дека и со купување на 250 нови автобуси нема да се реши клучниот проблем со автобускиот превоз во Скопје и нема да стане ниту побрз, ниту поефикасен.  Појасни дека за набавка на 33 автобуси МАН постапката траела повеќе од една година. Шилегов го постави прашањето што ќе се добие ако автобусите се пуштат во сообраќај. Според него, системот за Брз автобуски превоз (Бас рапид системот или БРТ) е сериозно решение, препорачано и од светски експерти. - Бас рапид транзит е сериозно организиран систем за транспорт на луѓе во урбана средина. Не го тврдам јас ова, го тврдат професори од факултетот во Битола, од Лондон, од Брисел, ЕБРД стручњаците за јавен транспорт кажаа „ова е решението за Скопје, рече Шилегов, додавајќи дека ова е најеколошкиот начин на транспорт. Шилегов констатираше и дека клучните инфраструктурни зафати не се одвиваат брзо и лесно. - Се што треба е да не се мисли дека работите се одвиваат брзо и лесно. Мост не можете да изградите брзо и лесно. Тунел не можете да изградите брзо и лесно. Систем за превоз на јавен транспорт и луѓе не можете да изградите брзо и лесно, вели тој. Според Шилегов, скопјани препознаваат дека ветувањата за брзо и лесно решавање на проблемите се лажни приказни. Во однос на Дрисла, Шилегов потенцира дека ја вратиле во Град Скопје, ја вративме, подвлече, на граѓаните. - Да ве потсетам само, порано не се знаеше што се депонира, кој депонира, дали има опасен отпад, што се гори, сето тоа беше контроверзно што важеа во јавноста до пред две години. Кога Градот ја стави својата рака, односно ја направивме јавно претпријатие, успеавме да го ликвидираме долгот што го наследивме, успеавме да изградиме нов инселератор за медицински отпад, добивме грант за преработка на шутот, така што нема да се создаваат депонии од шут, бидејќи граѓаните бесплатно ќе го носат таму, а потоа ќе се преработува во градежен материјал. Работите што беа како аномалии, сериозно се санирани, а конечно градот е стратешки добро поставен, вели Шилегов во гостувањето во Дневникот на Сител. Прашан за кампањата што се води против независниот кандидат за градоначалник на Градот Скопје, поддржана од ВМРО - ДПМНЕ и коалиција, Данела Арсовска, Шилегов истакна дека ако воопшто постоеше пример за црна кампања, тоа е кампањата што ВМРО – ДПМНЕ ја води спрема него повеќе од пет – шест години, интензивирана во последните пет-шест месеци, за мене, за моето семејство, за мојот имот. - За Арсовска јас лично немам никогаш изговорено ниту еден лош збор, напротив јас дури немам проблем доколку госпоѓата има бугарско државјанство, ако се чувствува Бугарка, го земала бугарското државјанство, тука не е никаков проблем. Клучниот проблем не е државјанството на Арсовска, туку зошто ја излажа македонската јавност и што се сокрила, рече меѓу другото Шилегов. цр/вј/  

Остани поврзан