• среда, 25 декември 2024

Шилегов: МКЦ со нов планетариум за најмладите посетители

Шилегов: МКЦ со нов планетариум за најмладите посетители
Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) - Актуелениот градоначалник на Град Скопје и кандидат на коалицијата предводена од СДСМ за оваа функција, Петре Шилегов денеска најави дека во следните четири години Скопје ќе добие целосно обновен Планетариум, кој преку своите дигитални оптички можности, покрај едукацијата и проширувањето  на знаењата за астрономијата, ќе овозможи и презентација за океанографијата, климатските промени и други значајни теми за Земјата и Вселената. Шилегов потенцира дека новиот Планетариум во МКЦ овозможува и прилагодување на самите предавања и презентации за разни целни групи, од предавања за претшколска возраст, до стручни предавања. Тој посочи дека Планетариумит ќе биде опремен со современа техника и ќе се изврши целосна реконструкција на просториите, обнова на ентериерот и системот за вентилација. - Омиленото место на вљубениците во Вселената во Скопје и местото каде што децата од целата наша земја се запознаваат со основите на астрономијата, го опремуваме со современа техника и вршиме целосна реконструкција на просториите, обнова на ентериерот и системот за вентилација. Со оваа капитална инвестиција, МКЦ гордо ќе се носи со другите градови во Европа и ќе биде репрезент во 2022 година која е прогласена за европска година на младината, рече тој. Единствениот планетариум во државата функционира повеќе од 50 години со дотраена опрема и машини, кои, како што посочи Шилегов, се повеќе музејски, отколку реални со употребна вредност. - Пред пандемијата, Планетариумот функционираше со полн капацитет, со организирани посети на ученици на основните и средните училишта од целата држава. Од 2018 година, Планетариумот во МКЦ работи со нов динамичен тим на едукатори, чиишто термини за предавања беа деновите кои што беа однапред резервирани, додаде Шилегов. Шилегов потенцира дека новиот планетариум се опремува во целосна согласност со новите реформи за дигитализација во образованието, како и адаптација на факултативните и едукативни содржини согласно најновите светски технологии. - МКЦ како институција која нуди едукативни и културни содржини за младите, мора да ја зачува дејноста на Планетариумот. Преку набавка за машина за презентација, како и адаптирање и осовременување  на просторот и содржините кои што ги нуди според последните технолошки и дигитални трендови во образованието, планетариумот ја задржува смислата на своето постоење – да понуди квалитетни едукативни содржини за младите, но и за сите генерации. Новиот планетариум се опремува во целосна согласност со новите реформи за дигитализација во образованието., како и адаптација на факултативните и едукативни содржини согласно најновите светски технологии. Затоа предвидевме и воведуваме технолошки решенија за следење на самите предавања на повеќе јазици, на македонски, албански, турски, ромски, англиски  и германски. Ова е посебно важно за полсено да се разбере и следи особено кај најмладите деца кои доаѓаат овде на посета, но и отворање кон странските посетители кои живеат во Македонија. За сето ова да стане реалност, во недела е потребен вашиот глас. Ајде да се обединиме околу прогресот за Скопје. Секој глас е важен, секој глас одлучува. Да не дозволиме Скопје да се врати назад и наместо да одложуваме во едукација и образование, да се трошат пари на камен, стиропор и бронза, посочи тој. На новинарско прашање околу тоа која е логиката да се дадат милион евра паушал на фирма за зимско одржување на патишта, наместо тие пари да се инвестираат за купување на нова опрема за ЈП „Улици и патишта“, Шилегов истакна дека Градот Скопје мора да има систем за одржување на снег, кој е наследен и не е креиран од него. - Мислам дека ќе треба кај други лиуѓе да се упатите зошто 35 или 40 години не го решавале проблемот на ЈП „Улици и патишта“, особено во моментот на моето доаѓање таа фирма беше задолжена повеќе од 3,5 милиони. Ние работиме за системски решенија во нашиот град, вклучително и за јавните претпријатија. Во овој мандат успеавме „Комунална хигиена“ да ја извадиме од долгови и кредитно да ја раздолжиме, да купиме 150 нови машини. Градот Скопје мора да има систем за одржување на снег, кој систем е наследен, не е нешто што јас го имам креирано и за тоа ќе треба да го прашате Коце Трајановски, а не мене. А во планот за следниот мандат е да направиме целосна обнова и на возниот парк на ЈП „Улици у патишта“, за да не мора градот да зависи од надворешни соработници, рече Шилегов. фф/сп/

Остани поврзан