• петок, 27 декември 2024

Шидер: Застојот во евроинтеграциите поради проблемот со Бугарија во спротивност со европскиот дух

Шидер: Застојот во евроинтеграциите поради проблемот со Бугарија во спротивност со европскиот дух
Скопје, 5 мај 2021 (МИА) - Европратеникот Андреас Шидер денеска на средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери, во врска со застојот во евроинтеграцискиот процес поради проблемот со Бугарија, рече дека тоа е во спротивност со европскиот дух и дека не треба да претставува пречка за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Џафери и Шидер се согласија дека циркулирањето на нон-пејпери во европските кругови, со изнесување на погрешни аргументи и концепти за прекројување на границите во регионот на Западен Балкан кој беше сведок на немири пред неколку децении, треба да наиде на остра осуда во јавноста и оти ЕУ мора веднаш да реагира и да понуди конкретни патокази за земјите од Западен Балкан и нивната европска интеграција. Шидер, кој е и копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет – С Македонија и ЕУ и дел од тројцата европратеници задолжени за Дијалогот Жан Моне, исто така нагласи дека одржувањето физички средби меѓу парламентарците е неопходно за парламентарната демократија и изрази надеж дека во втората половина на годината, состаноците ќе можат непречено да се одвиваат како и претходно. Европратеникот ја поздрави дистрибуцијата на вакцини во рамките на Ковакс системот, со укажување дека истата требало да биде дел од првичниот пакет на Унијата. Претседателот Џафери изрази задоволство од можноста за средба со физичко присуство, со оглед на фактот што пандемијата оневозможи реализација на претходно предвидените активности, истовремено упатувајќи благодарност за неговиот досегашен придонес за унапредувањето на политичкиот дијалог во Собранието во рамките на Дијалогот Жан Моне. Ја поздрави и директорката на Канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт во Северна Македонија, Ева Елерајт, за унапредување на демократските процеси во нашето општество и во процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Тој, како што соопшти собраниската прес-служба, ги информираше присутните за процесот на вакцинација, тековните собраниски активности со Европскиот парламент и за внатрешните консултации за Дијалогот Жан Моне меѓу претставниците на политичките партии застапени во Собранието. Притоа, ја поздрави и соработката со Европскиот парламент која и во време на пандемија се одржува со несмален интензитет, што претставува јасен сигнал за поддршката на европската перспектива на земјата. Џафери ја поздрави последната Резолуција на Европскиот парламент за напредокот на земјата, истакнувајќи дека Собранието ќе продолжи да го одржува постигнатото и да се стреми да ги надмине прашањата за кои се потребни дополнителни реформи. нд/скс/    

Остани поврзан