• среда, 18 декември 2024

Книжевна средба на Томислав Османли во Шибеник

Книжевна средба на Томислав Османли во Шибеник

Скопје, 4 септември 2023 (МИА) - „По трагата на напишаниот збор“ е насловот на средбата со македонскиот писател Томислав Османли на четвртите по ред „Денови на македонската култура“ во Шибеник што се одржуваат под организација на невладиното здружение „Хрватско-македонска тангента“ кое создава активни мостови меѓу двете култури, општества и држави.

На средбата писателот Никола Шимиќ – Тонин најави уште едно скорешно гостување на Османли во Хрватска, овој пат на книжевната манифестација во Задар, каде ќе му биде врачена реномираната литературна награда „Donat“ 

Шибенските „Денови на македонската култура“ се одржуваат под работна тема „Влијанието на традицијата врз современата култура и уметност“.

Меѓу учесниците е и театарскиот и филмски режисер Александар Поповски, актуелен уметнички директор на „Slovensko narodno gledališče“ од Марибор, Словенија, Христо Петрески претседател на Друштвото на писателите на Македонија, писател и сликар и Томислав Османли.

Книжевната средбата  со Османли во хрватските медиуми е најавена како „Претставување на реномираниот македонски писател Томислав Османли и на неговиот богат книжевен опус“. Инаку овој авторски настап на македонскиот писател доаѓа по неговото неодамнешно гостување во Загреб, каде во Македонскиот културно-информативен центар беше одржан негов богат книжевен портрет.

Средбата со Османли, на шибенските „Денови на македонската култура“ се одржа во вилата Трутини двори на островот Зларин. Неа  ја отвори претседателот на „Хрватско-македонската тангента“ Сашо Георгиевски, а авторскиот портрет на Османли го претстави директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Наталија Поповска. Посебен осврт кон книжевната  дејност на Османли имаше и писателот Никола Шимиќ – Тонин, претседател на Одделот на Друштвото на хрватските писатели од Задар. Тој најави уште едно скорешно гостување на Османли во Хрватска, овој пат на книжевната манифестација во Задар, каде ќе му биде врачена реномираната литературна награда „Donat“ што нејзиниот одбор неодамна му ја доделил на нашиот автор за неговата сестрана авторска работа и за книжевните афирмации на неговите творби, во регионот и посебно во Хрватска.

Настап имаше и македонскиот писател, кој говореше за своите литературни пристапи, за неговите лични и тематски врски со Медитеранот и за другите креативни искуства во домените на драмската уметност, сценаристиката и теоријата на вербо-визуелните медиуми, на кои инаку Османли перманентно работи. На крајот од неговиот исказ, македонскиот писател  присутните ги освои со стиховите на неговата наградена (2018, во Италија) песна „Љубов“  богата со  медитерански слики и чувствувања. 

Инаку, на четвртите „Денови на македонската култура“, во присуство на авторот, беше прикажан филмот „Балканот  не е мртов“ работен според пиесата на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски, уметнички директор на Словенско народно гледалишче од Марибор и истакнат македонски режисер кој непрекинато потпишува врвни театарски режии низ поширокиот регион. Д-р Христо Петрески, писател, сликар и актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија се претстави со  изложбата насловена „Моливот пишува со срцето – Христово“, a со ликовната изложба „Море“ на манифестацијата се претстави и авторката Гојка Скориќ - Пелајиќ. Директорот на македонската државната Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Д-р Љупчо Јаневски одржа забележано предавање на тема од еко-туризмот.
Македонските гости на манифестацијата ги прими и градоначалникот на Шибеник, Жељко Буриќ, потоа и началникот на Примоштен, Стипе Петрина.бт/са/

 

Остани поврзан