• среда, 25 декември 2024

Шешов за МИА: Науката знае каде може да се случи земјотрес, но не може да предвиди кога

Шешов за МИА: Науката знае каде може да се случи земјотрес, но не може да предвиди кога

Скопје, 19 февруари 2023 (МИА) - Науката нема интерес да предвидува, иако однапред знае каде каде може да се случат земјотреси, бидејќи постојано со инструменти ги следи движењето на земјината кора, но е многу несериозно, неодговорно, непринципиелно и не е базирано на факти да се каже дека може да се знае кога ќе се случи потрес, вели директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Влатко Шешов во интервју за МИА.

- Ако ние кажуваме дека постои веројатност дека во наредните 100 години ќе се случи еден земјотрес, кој ќе надмине магнитуда, да кажеме од 6 степени, тоа значи дека нашите податоци покажуваат дека во тој временски период тие раседни структури произведуваат енергија која што во еден момент ќе се ослободи и ќе предизвика таков потрес. Тоа е веќе научно искажан факт, нагласува Шешов.

Тој потенцира дека од тој аспект најбитно е да се има широка мрежа на инструменти коишто ги следат и оние микродвижења на земјината кора кои луѓето не ги чувствуваат, во поглед на сеизмичката енергија што се акумулира и да се знае дека во наредниот период во тоа подрачје можеме да очекуваме некој посилен потрес.

- Треба да работиме на тоа како да обезбедиме да се почитуваат техничките прописи, да имаме современи сознанија како сеизмички изолации и слично. Земјотресите ќе си се случат, а ние треба да си ги припремиме нашите згради да бидат ОК и нашите домови да бидат добри за да бидеме сигурни, додава Шешов.  

Од тој аспект, Шешов додава дека во земјава во најголем број случаи при изведбата на згради се почитуваат сеизмичките прописи, а контролата на нивната примена што ја врши ИЗИИС и заедно со одговорноста која сè уште постои кај најголем број проектанти и градежници придонесува да имаме сигурни градби.

Според него, доказ за безбедноста на објектите е самиот факт што при серијата земјотреси што се случија во Скопје во 2015 година никаде немаше значајни оштетувања, што претставуваше реална проверка за тоа какви се зградите во земјава. Шешов додава дека не постојат 100 отсто сигурни згради и во случај на земјотрес сите треба да знаеме дека ќе има оштетувања, но битно е да не дојде до колапс на градбите.

Во однос на земјотресот што на 6 февруари ги погоди Турција и Сирија и големите разурнувања и жртви, Шешов потенцира дека мора да се има предвид дека во овој случај станува збор за исклучително силен потрес од 7,8 степени според Рихтеровата скала, но дека веројатно има и некои недоследности при градбите што резултираа со толкав број на разурнувања, што би требало да се утврди со понатамошни анализи.

- Ги немам сите аргументи и податоци. Меѓутоа мислам и во понатамошните анализи ќе се покаже дека има некои недоследности, јас би рекол системски. Проструија вести дека голем број од тие објекти биле без некоја посебна контрола на градење. Ако немате контрола, немате доволно информации да можете да ги оцените. Гледајќи само по голем број на слики коишто доаѓаат од подрачјата, постојат би рекол некои грешки можеби и во концептот на конструкциите - големи дебели плочи, мали вертикални елементи, столбови коишто се најповредливи за време на земјотрес, арматура онака народски кажано раздвоена, расцветана..., па дури и до квалитетот на материјалите, вели директоот на ИЗИИС, додавајќи дека сепак откако ќе се смири целата ситуација и ќе се направат анализи, ќе може да се види кои се главните фактори и причини за ваквите разурнувања.

Шешов потенцира дека според досегашните сознанија нема поврзаност меѓу земјотресот во Турција и Сирија со серијата потреси што во изминативе две недели се случија во балканскиот регион, како во Романија и Албанија, бидејќи анадолискотото подрачје нема директна корелација со централниот Балкан.

- Бидејќи прво сме на голема оддалеченост, а второ тој расед е на контактот помеѓу одредени плочи коишто не не засегаат многу нас. Меѓутоа, дали овие последните имаат (поврзаност), сметам дека директна немаат, можеби да имаат некоја, ама пак досега немаме такви сознанија, додава Шешов.

Во пресрет на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, како што најави Шешов во интервјуто, ИЗИИС планира да ја одбележи со серија активности, кои почнаа со одржување на работилница посветена на сеизмичката изолација, орагнизирана во соработка со Јапонската асоцијација за сеизмичка изолација (ЈССИ) и со поддршка на Амбасадата на Јапонија.

- За време на работилницата беа присутни повеќе од 50 партиципанти, беше и јапонскиот амбасадор на отворањето и навистина бевме сведоци на размена на искуства, би рекол, и предавања и презентација не само за тоа што значи сеизмичката изолација, меѓутоа уште позначајно што-како сето тоа се имплементира. На оваа работилница интересно е што имавме и ние што да кажеме. Имавме две предавања од наши експерти од Институтот да ги споделиме искуствата со нив, меѓутоа многу е значајно овој начин на заштита на објектите е можеби највисок начин на заштита и еден од најуспешните, впрочем, начини како можете еден објект да го заштитите од евентуални оштетувања за време на силни земјотреси. Меѓутоа, ние имаме знаење. Институтот има акумулирано знаење во истражувачки цели, во тестови, во анализи, меѓутоа, мораме да бидеме искрени оваа сеизмичка изолација оди чекор во чекор со технолошкиот развој на земјата. Потребни се покрај истражувања, примена, технички прописи, индустрија, која сето тоа ќе го поддржи и секако одржување, вели Шешов.  

Директорот на ИСИИС потсетува дека еден од најзначајните објекти не само во Скопје, туку и во светот, граден според методот на сеизмичка изолација е скопското Основно училиште „Песталоци“.

- Добро е што нас не има во каталогот на сеизмички изолирани згради во светски рамки, меѓутоа за тоа треба малку повеќе да се вклучи и технологија и индустрија и да има интерес кај градежните компании, додава Шешов.  

Во следниве месеци до јули, како што најави Шешов, ИЗИИС ќе спроведе голем број на активности насочени кон подигнување на јавната свест, одржување предавања, тренинзи и обуки што значи земјотресот, како да се однесуваат граќаните при потреси, како да се заштитат во своите домови и како да постапуваат после земјотрес. Дополнително, Институтот  ќе направи брз скрининг на неколку објекти брз скрининг за процена на сеизмичката сигурност и ќе организира отворени денови каде што граѓаните ќе можат да ги посетат лабораториите на ИЗИИС.

- ИЗИИС му должи на градот Скопје, бидејќи после скопскиот земјотрес се формира Институтот и ние навистина чувствуваме една посебна одговорност кон градот Скопје и кон тој земјотрес. Впрочем, и ова одбележување на 60-годишнината го сфативме доста сериозно и веќе се почнати и конкретни активности. Имаме и мото, имаме и соодветно лого – „ИЗЗИС за Скопје“, како ИЗИИС може да му се одолжи на градот Скопје, вели Шешов.

Во продолжение следува интегралното видео интервју на директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Влатко Шешов за МИА.  

Господине Шешов ви благодарам што прифативте интервју за МИА. Минатата недела ИЗИИС во соработка со Јапонската асоцијација за сеизмичка изолација и со поддршка на Амбасадата на Јапонија во земјава организираше работилница посветена на сеизмичката изолација. Какви искуства и нови сознанија нашите експерти добија од оваа работилница?  

- Благодарам на поканата. Добро рековте, да со иницијатива на Јапонската асоцијација за сеизмичка изолација поддржана и од Амбасадата на Јапонија во Скопје и во координација на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија  (ИЗИИС) - Скопје успеавме да организираме навистина една успешна работилница, која траеше два дена и на која присуствуваа, навистина ми е задоволство да кажам, врвни експерти од оваа област од „земјата на изгрејсонцето“ која што е најразвиена, и технолошки и со знаења и со искуство, во оваа област на сеизмичка изолација.  

За време на работилницата беа присутни повеќе од 50 партиципанти, беше и јапонскиот амбасадор на отворањето и навистина бевме сведоци на размена на искуства, би рекол, и предавања и презентација не само за тоа што значи сеизмичката изолација, меѓутоа уште позначајно што-како сето тоа се имплементира. На оваа работилница интересно е што имавме и ние што да кажеме. Имавме две предавања од наши експерти од Институтот да ги споделиме искуствата со нив, меѓутоа многу е значајно овој начин на заштита на објектите е можеби највисок начин на заштита и еден од најуспешните, впрочем, начини како можете еден објект да го заштитите од евентуални оштетувања за време на силни земјотреси. Меѓутоа, ние имаме знаење. Институтот има акумулирано знаење во истражувачки цели, во тестови, во анализи, меѓутоа, мораме да бидеме искрени оваа сеизмичка изолација оди чекор во чекор со технолошкиот развој на земјата. Потребни се покрај истражувања, примена, технички прописи, индустрија, која сето тоа ќе го поддржи и секако одржување.  

Значи, накратко на вашето прашање, навистина и во еден ваков период кога ни се случија земјотресите, ова беше навистина освежување и уште еднаш би им се заблагодарил и на иницијативата на Јапонската асоцијација и на Амбасадата на Јапонија, коишто, еве, успеаја заедно со нас да организираме едно навистина успешно научно дружење каде што развиените искуства и можеби ќе биде еден поттик за малку повеќе во тоа да се приклучи и индустријата, технологијата.  

Можете ли да ни објасните што во пракса значи тој метод на сеизмичка изолација? 

- Ќе се обидам накратко да ви објаснам, бидејќи за ова е потребно навистина повеќе време. Тоа значи дека со посебни „дивајсери“ или со посебни елементи, вие горната конструкција на ова што го гледаме ние на објектите, еве да кажеме, како најкритични претставници – зградите, ја одделувате од земјата. Значи, помеѓу темелната конструкција и помеѓу горната конструкција ставате посебни, еве поедноставно да кажам, сеизмички изолатори коишто во случај на земјотрес не дозволуваат енергијата која што доаѓа од земјината внатрешност, која што е деструктивна по својата природа, да влезе во зградата и да направи оштетувања. Таа, викаме ние, се дисипира, односно се троши во тие елементи, да ги кажеме, еве пак,  поедноставно, базни изолации. Тоа се најчесто, кога зборуваме за базни, тоа се коцки од гума, од слоеви на гума, коишто меѓу себе може да имаат и челични плочки и слично се ставаат на контактот, помеѓу горната конструкција и темелот и кога ќе дојде земјотресот, кога ќе се шират сеизмичките бранови, фактички зградата, горниот дел на зградата, останува смирен со многу помали поместувања, додека до на нивото на сеизмичката изолација таму се случуваат големите поместувања коишто ништо не значат за горната конструкција и енергијата дисипира. Тоа е еден начин, да кажеме поедноставен.

Постојат и посовремени начини коишто се вградуваат во самата конструкција горе, меѓутоа тоа се малку да кажам и во интерес на времето, покомплицирани, каде што ние фактички го контролираме однесувањето на конструкцијата за време на динамички товари или земјотреси. Повторно ќе кажам, тоа се високо технолошки делови коишто нормално се изработуваат во фабрики, за нив се потребни истражувања и сето тоа, меѓутоа и нивното вградување значи исто така, дека ќе имаат одредено технолошко ниво, потоа и одржувањето. Тоа значи дека вашата конструкција, вашиот објект се движи независно од тоа како ќе се движи земјата, тој си има своја контрола, нема да влезе големо количество на енергија и ќе остане, ние викаме, во еластичен или линеарен - нема да има оштетувања. Повторно ќе кажам, тоа е во моментот на денешната развојна наука, највисоко ниво на заштита што може да обезбедите за некој објект. Вообичаено, иако сега почна масовно да се применува, се применува за позначајни објекти, меѓутоа тоа беше и цел на работилницата поблиску да се сретнеме со нејзината примена за да може да се применува и пошироко.  

Колку објекти во земјава, пред се во Скопје се градени со овој пример?  

- Можеби еден од најзначајните објекти, не би рекол само во Скопје, туку и во Европа, па пошироко во светот, е Основното училиште „Песталоци“ во центарот, кое што е донација од швајцарската Влада веднаш после земјотресот и тоа е изведено на базна изолација. Морам да кажам Институтот има голем број на студии направено за тоа училиште и успеа пред неколку години со помош, повторно на швајцарската Амбасада овде, да ги обнови тие, да кажеме, сеизмички изолатори, односно таа базна изолација.

Видете, за поширока примена, повторно ќе кажам не е доволно само знаење, развој, треба и индустријата, градежните компании да ве пратат. Вие може ќе знаете тоа сето да го изанализирате, да го истражите, меѓутоа тоа некој треба да го произведе, тоа некој треба да го вгради, тоа треба некој да го одржува, тоа треба да го прави. За сето тоа, повторно ќе кажам, оваа работилница ни помогна. За тоа треба и технички прописи и технички стандарди како сето тоа да се изведе за да биде функционално. Така што, за поширока примена, добро е што нас не има во каталогот на сеизмички изолирани згради во светски рамки, меѓутоа за тоа треба малку повеќе да се вклучи и технологија и индустрија и да има интерес кај градежните компании.  

Во јавноста постои сомнеж дека при напливот на нови градби не секогаш се води сметка за почитување на сеизмичките стандарди. Ова особено во објектите коишто се градени после деведесеттите години на минатиот век. Колку се ваквите стравувања реални и дали се безбедни новите градби? 

- Добро, јас во неколку наврати изјавив дека стравот е добро да го има бидејќи тој не држи будни, тој секогаш ќе не тера да бидеме што подобри. Повторно ќе кажам, во едно вакво време во кое што живееме каде што кај населението е изгубена секаква доверба во институциите, и градежништвото нормално ја дели таа судбина, иако не би се сложил комплетно со тоа, бидејќи една од работите на коишто се должи таквото мнение кај јавноста е, пред се мислам, сега да не ми се налутат и колегите урбанисти, во можеби непланското градење, во недобро изработените детални урбанистички планови, каде што никнуваат објекти едни до други, каде што никнуваат објекти онаму каде што можеби не ги очекуваме и сега населението кога гледа такви објекти мисли дека истите се небезбедни.

За сигурноста на објектите ние мораме како градежници да ги почитуваме техничките прописи. Сметам дека тие во најголем број на случаи се почитуваат во изведбата на создадените згради, односно од деведесеттата навака, тоа се впрочем оние сеизмички прописи коишто се од 1980, а од 2013 навака Институтот доби дополнително мандат од Владата на Македонија да ги контролира, како на проект, така и во изведба, така што мислам дека дополнителните контроли, како и одговорноста која што се уште постои кај најголем број на проектанти и градежници, придонесува да имаме сигурен град. Во тој контекст само да кажам дека, еве и да не верува населението, се случија серија земјотреси во Скопје во 2015 или 2016 година - не беа силни, беа во скопското епицентрално подрачје, меѓутоа на некој начин беа проба да видиме еве какви се објектите. Сепак, не е многу мал, низок земјотрес, не е слаб земјотрес, еве тие серија на земјотреси покажаа дека во новите згради, па би рекол и во постојните објекти, нигде немавме значајни оштетувања. Не дај боже, немавме постколапс на зградите. Добро, беше ниско ниво на јачина на земјотрес, меѓутоа еве тоа беше реална проверка какви ни се зградите. Бевме ние на терен на многу објекти како инспектори од ИЗИИС, имаше само неконструктивни оштетувања - на контактот меѓу греди, преградни ѕидови, паѓање негде на малтер што апсолутно е во согласност со техничките прописи.

Само нешто, не постојат 100 отсто сигурни згради. Во случај на земјотрес сите треба да знаеме ќе има оштетувања, тие треба да бидат контролирани, никако не треба да дојде до колапс на зградите. Повторно би рекол, ако еве граѓаните не им веруваат на институциите нека веруваат на последиците од тие серија на земјотреси, кои повторно ќе кажам не беа многу силни, не беа многу слаби, покажаа дека во најголемиот дел на зградите, би рекол скоро сите, се однесуваа онака како што биле и проектирани. Значи, имаа мали реконструктивни оштетувања, меѓутоа конструкциите беа ОК и сите граѓани - немаше ниту повредени, ниту не дај боже... Така што една од пробите и една од потврдите се токму таквите земјотреси.  

Како се врши тој надзор и контрола на почитување на стандардите - уште при градбата или...? 

- Па добро, видете, градежништвото или градењето на објектите е сложен процес и е еден цел систем - низа на фази, на чинители коишто придонесуваат на крај да имаме – да. Меѓутоа, еве, конкретно на вашето прашање – да. Можам да зборувам за нашата институција, за Институтот, тој е вклучен во чекорот на изработка на проект од техничка документација, фаза на статистика, односно градежен конструктивен проект. Сите проекти што се изработуваат во државата согласно Законот за градење мора да поминат на контрола, велиме на проектна документација. Значи, ние ги контролираме проектите дали се во согласност со техничките прописи и даваме мислење за проектираниот степен. Потоа со тоа мислење и останатата техничка документација, инвеститорот си оди во општина или во Министерството за транспорт и добива одобрение за градење. Значи, контролирани ни одат.

Потоа, на ниво во фаза на изведба за поголеми објекти од 300 квадрати, двапати во текот на изведбата на објектот наши тимови излегуваат на увид и правиме, да кажеме, контрола дали објектот што се изведува е во согласност со тоа што го дал во општина. Прво тоа, и второ, дали е задоволен квалитетот. Имаме тестови, проверуваме најчесто контрола на квалитет на бетон, контрола на направена арматура, ако има негде челик го контролираме и челикот каков е, со каков квалитет е и со тоа изведувачот, односно инвеститорот добива мислење за изведен степен којшто ќе му служи потоа да добие употребна дозвола објектот и да си се завери во катастарот, односно во Агенцијата за недвижнини и катастар.  

Тоа е за згради и објекти коишто се градат според план. Меѓутоа, што е со дивоградбите, доградбите, па дури и со уривањето на внатрешни ѕидови во становите? Колку е тоа од сеизмички аспект безбедно? 

- Тоа се оние, би рекол, едни од слабите алки во овој синџир кога зборуваме за сигурноста на објектите. Добро посочивте, тоа се некои од, да кажам, клучните сегменти каде што мораме и треба повеќе да работиме за да можеме да зборуваме за една генерална слика на сигурни згради. Јас во неколку наврати се навратив и на овие нелегалниве градби, не знам како да ги кажам - дивоградбите, за нив повторно ќе се оградам - може се добри, може не се добри, меѓутоа не постои доказ за нивната сигурност. Многу се оскудни информациите, значи само со геодетскиот елаборат, со изјава од сопственикот и со сметки од комунално, од струја, се легализира и се става во фондот на објекти. Сега имате еден таков објект со нецелосна, можеби со никаква техничка документација и објект којшто си ги запазил сите чекори што ги говоревме претходно. Значи, проект, ревизија, контрола ИЗИИС, контрола, надзор на лице место и сега прашувате какви се двата објекта. Навидум можеби се вака на лик исти, ама овој нема никаква „лична карта“, а овој си ги има сите прописи. Сега нормално дека ќе зборуваме за сигурна, безбедна, технички исправна зграда и нелегална која што можеби е добра, можеби не е, ама не знаеме, немаме никакви податоци. Значи, тоа е едниот аспект каде што можеме да се подобриме.

Вториот е точно – доградби, надградби, да не ме сфатите погрешно, од технички аспект се може да се направи, поготово градежништвото оди напред, секакви методи, меѓутоа за тоа треба многу повеќе истражувања и многу повеќе пари. Сега вие кога ќе имате еден стар објект, кога ќе треба да примените се она што налагаат техничките прописи за да направите надградба вие ќе се откажете, бидејќи не смее да има импровизација. Тоа е прво. Втора работа е што ние за голем број на постојните објекти кога се прават надградби не постои техничка документација како изгледа постојниот објект, изграден бил пред 40 години, кој чува проект, кој не чува, дали има во Архив и сега вие на нешто што не знаете, надградувате. На една непознаница ставате уште еден ризик поголем. Така што, генерално политиката на Институтот е да овие надградби и доградби се намалат или да ги нема воопшто, особено во вакви трусни подрачја тоа е голема слабост.  

Споменавте дека сме трусно подрачје. Колку според вас граѓаните се информирани и обучени како да се однесуваат во случај на земјотрес? 

- Точно. И тоа е една од работите на која што Институтот континуирано прави напори, ние викаме, за подобрување на јавната свест кај населението. Сметам дека уште повеќе треба да работиме, впрочем еве и во наредната година ние ќе продолжиме. Континуирано имаме соработка со сите основни и средни училишта во државава, не само во Скопје и секогаш се отворени нашите врати за посета и за наша посета во нивните училници да ги едуцираме, јас повторно ќе кажам тие таргет групи - млада популација тоа е многу битно, бидејќи, пак би рекол, на 60-годишен човек малку потешко вие ќе му всадите дека кога ќе има земјотрес не треба да излегувате низ врата и не треба да одите по степеници, по скали. На младите кога ќе им одговорите и еднаш, двапати да им повторите, веќе во него ќе се всади некој инстинкт што да прави во случај на земјотрес.

Па знаете, овие земјотреси не потсетуваат - битолскиот кој го имавме на граница со Грција, Скопје имаше, претходно Валандово... тие на моменти не потсетуваат, меѓутоа тоа треба од друга страна да е системски, би рекол и во наставните програми во училиштата, пак ги таргетирам основните и средните училишта да имаат не само теоретски предавања, туку... порано имавме, вие знаете, оние вежби СВОЗ и во случај на катастрофи, тие се исклучително корисни. Значи, не само во училиштата, туку и граѓанството.

Јас не знам дали знае населениево, еве живее во згради, каде им е точката на евакуација. Значи, многу малку знаат. Првиот чекор е да го намалиме сеизмичкиот ризик. Треба да знае секој граѓанин каде треба во случај на катастрофа, не е мобилен, прво што ќе падне ќе падне мрежата на мобилна телефонија. Не може вие да дознаете каде е вашето дете. Значи, на тие работи треба да работиме континуирано, така што потребно е подигање на јавната свест.  Ние впрочем имаме одлична соработка и со Центарот за управување со кризи и со Дирекцијата за заштита и спасување со коишто работиме, меѓутоа сметам дека и уште понатаму треба да работиме и долгорочно ако сакаме да имаме подобри резултати од овие што ги имаме досега.  

Кога се говори за земјотресите обично преовладува мислење дека постојат вертикални и хоризонтални земјотреси. Дали е реално ова или станува збор за урбан мит? 

- Па би рекол ова второто, урбан мит. Значи, како се манифестира земјотресот на површината зависи од многу фактори. Меѓутоа, еден од најеклатантните примери како го чувствуваме земјотресот е оддалеченоста - каде се наоѓате во однос на хипоцентарот, тоа е точката од регионот во којшто се ослободува количеството на енергија. Тоа е во внатрешноста на земјата и тука разликуваме плитки – длабоки. Сега да не навлегувам во детали, и оддалеченоста придонесува да кога се движи енергијата, сеизмичките бранови... Движејќи се низ земјината внатрешност се филтрираат одредени фреквенции, да не звучам многу апстрактно, значи кога е голема оддалеченост, нели со вас зборувавме пред разговорот, тогаш доминираат оние долгопериодични компоненти од земјотресот и затоа зборевме земјотресите од порано од Букурешт, во Скопје се почувствуваа како морски бранови, значи нишање долго периодично. За разлика од тоа, кота сте во непосредна близина на земјотресот, бидејќи нема толку време сеизмичкиот бран да патува или да се филтрира, тогаш компонентата вертикална можеби доминира или е на работ на хоризонталната и вие чувствувате и вертикални вибрации.

Така што, таа е таа комбинација од оддалеченоста, која повеќе компонента ќе се манифестира на површината на земјата, така што нема логика. Има други - има како се движат раседите..., ама тоа е всушност оддалеченоста од местото на случување на земјотресот од тоа каде се наоѓате, тоа е една од доминантните работи како вие ќе го почувствувате земјотресот.  

Изминативе две недели актуелен е земјотресот што ги погоди Турција и Сирија. Според последните податоци има над 41 илјада загинати и речиси 100 илјади повредени. Според вас, на што се должи огромниот број на жртви и разурнувања? 

- Видете, се работи за голема, јас би рекол, натприродна човечка трагедија, навистина е страшно сега да замислиме во 21 век толку голем број на загинати. Навистина уште еднаш би упатил најискрено сочувство и жалење на загинатите и настраданите лица. Што да кажеме, од овој аспект - ние сме оддалечени и не сме на лице место за да кажеме кои се главните причини што доведоа до ваква катастрофа, малку би било несериозно и неодговорно. Меѓутоа, и покрај тоа што се работи за исклучително силен земјотрес, треба да истакнеме дека тоа не е изненадување ниту за турските научници, ниту за турските сеизмолози, па ниту и за пошироката научна јавност, бидејќи тој регион на понискиот расед е познат, само бил пасивен 120-130 години, значи таму се знаело дека ќе се случело земјотрес. И во најмалите сеизмички мапи на зонирање на Турција тој е впрочем и ставен како регион со највисоко ниво на забрзување.

На што се должат (разурнувањата) – сигурно има некои недоследности – но, не можам сега, не би било сериозно од моја страна да кажам, бидејќи ги немам сите аргументи и податоци. Меѓутоа мислам и во понатамошните анализи ќе се покаже дека има некои недоследности, јас би рекол системски. Проструија вести дека голем број од тие објекти биле, она што зборевме во првиот дел од разговорот, без некоја посебна контрола на градење, дали како нелегални, дивоградби не знам, значи ако немате вие контрола, повторно ќе кажам, немате доволно информации да можете да ги оцените. Веројатно и во фазата на изведба, вака гледајќи само по голем број на слики коишто доаѓаат од подрачјата, постојат би рекол некои грешки можеби и во концептот на конструкциите, не можеме тие да ги видиме - големи дебели плочи, мали вертикални елементи, столбови коишто се најповредливи за време на земјотрес, арматура онака народски кажано раздвоена, расцветана, значи можеби, пак ќе кажам, недоволен број, погрешна арматура, па дури и до квалитетот на материјалите...

Меѓутоа пак ќе кажам, ќе се оградам, веројатно сега после откако ќе се смири целата ситуација, таму се веќе тимови верувам и на турските инженерски асоцијации и слично, ќе видиме кои се главните фактори. Меѓутоа, непобитен факт е дека има недоследности, има прекршувања на технички прописи, бидејќи знаете во преамбулата, во првите членови на кои било технички прописи се вика дека зградата – да ќе има оштетувања, меѓутоа не треба да се дозволи комплетен колапс и не треба да се дозволи загуба на човечки животи. Колку и да е јак земјотресот тоа е така на хартија, треба да се примени, меѓутоа такви механизми на колапс уште во првите членови се елиминираат, значи вие треба се да направите како проектант и како изведувач, тие форми на рушења да ги избегнете. И сега ние тие форми на рушење ги гледаме ваму.

Допрва ќе видиме конкретно кои биле причините, меѓутоа сите показатели покажуваат дека постои прекршување на техничките прописи. Покрај тоа, ќе кажам уште еднаш, се работи за исклучително силен земјотрес, 7,8 е исклучително силен земјотрес.  

После овој земјотрес во регионот беа регистрирани потреси и во Романија и во Албанија. Постои ли поврзаност меѓу тој и овие потреси? 

- Видете, досегашните сознанија и сите овие студии што се правени, не само на територија на Македонија и пошироко на Балканот, па и во Турција, тој регион нема директна корелација со еве, да кажеме, централниот Балкан, нашиот. Бидејќи прво сме на голема оддалеченост, а второ тој расед е на контактот помеѓу одредени плочи коишто не не засегаат многу нас. Меѓутоа, дали овие последните имаат (поврзаност), сметам дека директна немаат, можеби да имаат некоја, ама пак досега немаме такви сознанија.

Но, пазете, огромно количество на сеизмичка енергија се ослободи и тоа се распределува, значи тоа што излегува на површината како земјотрес, меѓутоа и меѓу тектонските плочи, постои, сега би рекол, една редистрибуција и постепено смирување. И сега во тоа смирување како, каде, колку ќе биде редистрибуцијата, е веќе друга тема. Меѓутоа, далеку сме ние за во Албанија или Романија да има директна некоја поврзаност, бидејќи, пак ќе кажам, за тектонскиот склоп, овој и тој, барем досегашниве сознанија не покажале некоја директна поврзаност.  

После овој земјотрес медиумскиот простор беше преплавен со голем број сензационалистички вести. Меѓу нив беа и такви дека потресот предизвика промена на релјефот на регионот, дека територијата на Турција се поместила за неколку метри... Колку се ваквите информации точни? 

- Па добро, видете затоа и често ние се воздржуваме од давање на поконкретни изјави, бидејќи и како научници и како професори во таа област ние работиме врз основа на докази, врз основа на податоци. Можеби сме поспори, меѓутоа кога ќе објавиме некоја студија вие морате да бидете одговорни и да стоите зад тие резултати. Не можете базирано на некои слики сега да давате изјави. Не е добро, тоа е лично мое мислење, да даваме сензационалистички изјави веднаш после земјотресот, бидејќи не дека ќе си ја подигнеме популарноста, некои и за тоа го прават тоа, меѓутоа не е одговорно ни кон нас, ни кон јавноста, бидејќи еве и мене ме прашувате, но ги немам сите податоци. Јас можам да кажам врз основа на моето искуство и тоа што го гледам од сликите, меѓутоа за да ме прашате и поконкретно да одговорам, треба да ги собереме податоците, да седнеме да анализираме, да ги видиме сите аспекти.

Така што, таквите изјави, еве впрочем и вие како медиум треба да се борите заеднички, за ништо не придонесуваат, тие се пуштаат во етерот, моментално имаат некој ефект, меѓутоа долгорочно тие немаат значење. За такво нешто, за поместување на тлото..., еве само како пример ќе ви кажам, да - после голем земјотрес има, меѓутоа се чека еден извесен период. Големиот „Грејт Ист“ земјотрес во Јапонија, кога се случи во близината на Сендаи, познатата катастрофа со Дајчи нуклеарната електрана, – да, Јапонците излегоа, ама излегоа после два месеци и навистина имаше големи поместувања на централниот остров, на целиот остров - три метри хоризонтално и четири метри вертикално. Меѓутоа, не излегоа веднаш. Собираа податоци... Така што, сепак сега да дадеме повеќе простор на спасувачките мисии, коишто треба да спасат, гледаме дека се уште спасуваат животи, секоја чест, а подоцна малку кога ќе се соберат сите релевантни податоци ќе имаме релевантни информации и вие како медиуми ќе бидете информирани секако за да видиме што навистина се случи.

Не треба, тоа пак ќе кажам е мое лично мислење, да избрзуваме и да даваме генерални оценки - сите згради дали се безбедни, не се безбедни, бидејќи сепак е сензитивно. Денес сите сме возбудени, особено луѓето во Турција и реагираат на какви било информации и некогаш и добронамерно може да се отиде во правец на ширење на паника, дали ќе има или ќе нема. Така што, да оставиме тие што се официјални институции во Турција, впрочем и Турција излегува нон стоп со соопштенија, таму има една централна агенција како цивилна заштита АФА, која излегува со скоро секојдневни биланси - официјални соопштенија, пред се, на загинати, спасени, повредени, колку возила се вклучени во спасувачките мисии и така... Така што јас би се задржал на таквите извори на информации. 

По земјотресот се огласија и приврзаниците на теориите на заговор, па така тврдеа дека не станува збор за природна елементарна непогода, туку за вештачки предизвикан потрес. Колку се реални ваквите тези? 

- Одма да кажам, тоа се сензационалистички изјави коишто само придонесуваат за нивна популарност, инаку не вреди да се коментираат, апсолутно се несериозно, би рекол и погрешно дадени во едно време кога се уште трае тагата по настраданите и сега вие да имате такви изјави. Тоа се апсолутно, би ги ставил во невозможни изјави, несериозни и неодговорни. 

Првите денови по земјотресот се појавија информации дека извесен холандски истражувач Франк Хугербетс предвидел дека „порано или подоцна регионот на Јужна и Централна Турција, Јордан, Сирија и Либан ќе ги погоди земјотрес појак од 7,5 степени“. Дали е можно да се предвиди? 

- Не. Науката нема интерес да предвидува. Тоа дека работиме, и науката знае каде се случуваат овие земјотреси, значи вие знаете однапред со оглед на инструментите коишто постојано го следат движењето на земјината кора, се знае и од историски аспект и од овие сите собрани огромен број на податоци, се знае каде ќе се случат големи земјотреси, не е изненадување ова дека ќе се активираат источниот анатолиски расед. Е сега ако кажете дека знаете кога ќе се случи тоа е ептен несериозна работа. Вообичаено, како да кажам, сеизмичката изложеност се изразува во малку покомплицирана за пошироката јавност - тоа е со веројатност и принципи.

На друг начин, коментарот на холандскиот стручњак, ако може да го кажам во некои научни зборови, е дека ако ние кажуваме дека постои веројатност дека во наредните 100 години ќе се случи еден земјотрес, кој ќе надмине магнитуда, да кажеме од 6 - тоа значи дека нашите податоци покажуваат дека во тој временски период тие раседни структури што ги викаме, произведуваат енергија која што во еден момент ќе се ослободи и ќе предизвика таков потрес. Тоа е веќе научно искажан факт. Е сега, народски да кажеме дали ќе има или ќе нема, не е добро, особено не после случувањето на земјотресот. Инаку и друг научник може да каже знаете што, на раседот на Огнениот прстен, тоа е во Пацификот, во наредниот период ќе се случи земјотрес од 7. Тоа секој го знае. Зошто? Затоа што сите најголеми потреси, 75 отсто од најсилните земјотреси, се случуваат таму, не може да згрешите. Знаеме дека се случуваат, е сега дека ќе знаете кој ден..., тоа е малку веќе не одговорно, непринципиелно и не е базирано на факти.

Во поглед на тоа најбитно е да имаме широка мрежа на инструменти коишто ги пратат и оние микродвижења на земјината кора коишто вие и јас не ги чувствуваме, меѓутоа значат во поглед на акумулирање на оваа сеизмичка енергија, за да видиме колку некоја енергија се акумулира за да знаеме во наредниот период дека тие години можеме да очекуваме некој посилен потрес. Сега досегашниве сознанија велат дека после силен потрес доаѓа до растоварување, релаксирање, значи, повторно ќе треба еден период на акумулација за да дојде повторно до земјотрес. Значи, не се очекува дополнително во некој краток период силни земјотреси на истото место. Тоа се тие, така да кажам, принципи на коишто базира сегашното ниво на наука. Значи, анатолискиот расед се активирал, тој е долг исклучително долг, па може да отиде нагоре, и така епицентрите се движеа малку на север од Газиантеп...

Еве и на крајот на краиштата да зборуваме отворено, еве некои и да е толку паметен стручњак да знае. Земјотресот е силно дејство од 60 секунди. Вие ако кажете, треба да знаете кој ден во кое време и во близина на некоја урбана средина, град. Што ќе направите? Ќе го евакуирате цел град и ако промашите, ако не се случи сабајлето, се случи навечер, вие цело население ќе го држите во скривници, во не знам каде, цел ден? Нема логика. Еднаш да промашите вие веќе ја изгубите довербата. Така што повеќе би рекол дека ние треба да работиме на тоа како да обезбедиме да се почитуваат техничките прописи, да имаме современи сознанија како сеизмички изолации и слично. Земјотресите ќе си се случат, туку ние да си ги припремиме нашите згради да бидат ОК, нашите домови да бидат добри за да бидеме сигурни.  

Годинава се навршуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година. Имено и работилницата која што ја одржавте беше во рамки на одбележување на таа годишнина. Какви други активности планира ИЗИИС во следниот период? 

- Ова е на некој начин и промоција во вашата програма, вашата емисија, за активностите на ИЗИИС. Значи, морам да кажам дека ИЗИИС „му должи на градот Скопје“, бидејќи после скопскиот земјотрес се формира Институтот, значи скопскиот земјотрес 1963, во 1965 бил формиран Институтот и ние навистина чувствуваме една посебна одговорност кон градот Скопје и кон тој земјотрес. Впрочем, и ова одбележување на 60-годишнината го сфативме доста сериозно и веќе се почнати и конкретни активности. Имаме и мото, имаме и соодветно лого – „ИЗЗИС за Скопје“, како ИЗИИС може да му се одолжи на градот Скопје.

Веќе почнавме со активности. Една од активностите беше и работилницата под мотото „ИЗИСС за Скопје“ и концепт програмата ни се состои во целиот овој период до јули, до 26 јули, па и цела година, да правиме голем број на активности, пред се во неколку домени. Она што зборувавме да ја подигнеме јавната свест, да пристапиме кон најмладите во основните училишта, во средните, да одиме да држиме предавања, да држиме тренинзи, обуки како да се однесуваат најмладите, учениците во случај на земјотрес, што значи земјотресот, како да се заштитат во своите домови, како да постапуваат после земјотрес. Тоа ни е едниот сегмент.

Другиот сегмент е во соработка со градските институции и владините институции, ќе направиме на неколку објекти брз скрининг, значи брза процена на сеизмичката сигурност на неколку јавни објекти, со цел да покажеме дека се потребни такви студии, односно особено и за одржување на нивото на функционалност на институциите и после земјотрес, какви се тие објекти и слично. Тоа ќе биде донација од Институтот.

Третиот сегмент ќе биде – ќе ги отвориме вратите на нашите лаборатории, ќе имаме отворени денови каде што граѓаните, идните студенти, кој било, и вие кои сакате слободно ќе можете да дојдете и да видите што ние работиме, како придонесуваме и мислам дека ќе го заокружиме со еден мал пригоден настан на денот или пред самиот ден, претпоставувам дека на 26 јули каде што со две до три, не би го правеле тоа големо, значи сепак е одбележување на една трагедија, би го правеле да се потсетиме што значеше скопскиот земјотрес, би рекол, не само за Скопје, за Македонија и за тогашната држава и за Институтот. Малку на некој начин да евоцираме спомени, да видиме што во овие години сме направиле и како би продолжиле понатаму.  

Господине Шешов, Ви благодарам за интервјуто.  

-Благодарам и на вас.  

 

 

Сашко Панајотов

Фото и Видео: Аслан Вишко

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан