• четврток, 26 декември 2024

Шешељ: Подготвен сум да му одговорам на Хаг, доколку Хашкиот суд се пресели во Авганистан

Шешељ: Подготвен сум да му одговорам на Хаг, доколку Хашкиот суд се пресели во Авганистан

Белград, 28 септември 2023 (МИА) - Откако синоќа претседателот Александар Вучиќ соопшти дека против лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ е пристагнато ново обвинение од Хаг, се огласи Шешељ, кој изјави дека се уште не го добил новото хашко обвинение за непочитување на судот, но дека е подготвен да одговори на повикот доколку Механизмот за меѓународни кривични судови биде преместен во побезбедна земја, како што е Авганистан, јави дописникот на МИА од Белград.

-Бидејќи Велика Британија наскоро ќе потоне во морето, а огромен северноморски бран ќе ја зафати цела Холандија, јас во тој момент нема да бидам во Шевенинген, изјави Шешељ за Срна.

Тој кажа дека најбезбедно ќе се чувствува во Авганистан и предложи Механизмот од Хаг да се пресели во таа земја.

Тој потсети дека и претходно бил обвинет за непочитување на судот, односно за печатење на негови книги во кои, како што кажа, објавувал информации за лажни сведоци, доверливи документи и разни фалсификати.

Тој додаде дека веќе трипати бил казнуван во Трибуналот за непочитување на судот, а сега ќе му се суди по четврти пат.

Шешељ со правосилната пресуда на Хашкиот трибунал од 2018 година беше осуден на десет години затвор за поттикнување на прогон, депортација и принудно раселување и преселување на Хрватите во војводинското село Хртковци во 1992 година.

Казната ја отслужи додека беше во притвор од 2003 до 2014 година. обсд/

Остани поврзан