• петок, 27 декември 2024

Шешељ повика на апсење новинари

Шешељ повика на апсење новинари
Белград, 3 април 2020 (МИА) - Лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ за време на вчерашното гостување на ТВ Пинк повика на апсење новинари, притоа посочувајќи одредени имиња, пишува белградскиот дневен весник „Данас“. - Мислам дека државата треба да покаже голема сила и едноставно да ги уапси. Вонредната состојба е состојба во која се суспендираат уставните одредби, а тоа значи дека во такви услови можат луѓето да се апсат на еден месец, два дена, па потоа да се разгледува дали заслужуваат да им се суди или не. Ова што ни се случува никако не смееме да го толерираме. Ете гледам некои прозападни весници, на пример новинарката Снежана Чонградин во „Данас“ пишува дека сме злосторничка држава. Го напаѓа Вучиќ... Ме напаѓа и мене секогаш... Мене тоа малку повеќе ме загрижи... Не е важно дали некој ме напаѓа или не, малку се пошегував во сето ова, изјави Шешељ за ТВ Пинк. По тој повод познатата српска новинарка од весникот „Данас“, Снежана Чонградин објави коментар за „застрашувачката реалност на политичката сцена во Белград“. - Во Србија од една страна се воени злосторници и профитери од војната. За жал, тие денес управуваат. Од друга страна се жртвите: дестици, стотици илјади починати поради военозлосторничката политика на Воислав Шешељ и Александар Вучиќ, односно Слободан Милошевиќ и Ивица Дачиќ. Тоа се фактите. Ужасната реалност во која живееме е и фактот дека овие луѓе имаат огромни богатства, кои ги создадоа како воени профитери. Потоа ги зголемија тие богатства во политиката преку ширење омраза во повоената пропаганда, коментира новинарката. - Гледаме денес како еден осуден воен злосторник, кој се жали на провладината телевизија Пинк, како јас го напаѓам за неговите злосторства, кои се судски докажани. Тој повика да ме уапсат на еден или два месеца додека трае вонредната состојба во земјава, истакна Чонградин. Таа нагласи дека „секојпат, кога тој ќе ги повтори моите зборови за себе дека е воен злосторник, ни прави огромна услуга на сите нас кои знаеме какви злосторства извршил. Се разбира, ова не е тема за медиумите кои се контролирани од власта, вклучувајќи ги и најгледаните, но сепак е добра можност да се слушне, дури и од устата на криминалец, наведува Чонградин. Пред два дена беше уапсена новинарката на Нова.рс, Ана Лалиќ откако претходно објави текст со критика за лошата состојбата во Клиничкиот центар Војводина (КЦВ) во Нови Сад, но вчера е ослободена по сослушувањето. гт/

Остани поврзан