• четврток, 26 декември 2024

Шефот на ОЕЦД го поздрави даночниот Договор одобрен на Самитот на Г-20

Шефот на ОЕЦД го поздрави даночниот Договор одобрен на Самитот на Г-20
Париз, 31 октомври 2021 (МИА) - Генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Матијас Корман изјави дека меѓународниот договор за универзално оданочување на мултинационалните компании, поддржан на самитот на Г-20 во Рим, ќе го направи оданочувањето поправедно и ќе им помогне на владите да го финансираат закрепнувањето од пандемијата. Тој рече дека Договорот „ќе ги направи меѓународните даночни аранжмани поправедни и ќе функционира подобро во дигитализираната и глобализирана економија“. Шефовите на држави и влади на Г-20 вчера одобрија историски Договор за реформа на меѓународниот даночен систем кој треба да стави крај на даночните раеви со воведување минимален корпоративен данок од 15 отсто за мултинационалните компании.
„Сите претседатели на земјите на Г-20 одобрија историски Договор за нови меѓународни даночни регулативи, вклучително и минимален меѓународен данок, кој ќе стави крај на конкуренцијата во даночните намалувања кога станува збор за оданочувањето на компаниите“, изјави преку соопштение американската министерка за финансии Џенет Јелен.
Договорот беше постигнат на почетокот на октомври од 136 земји, кои сочинуваат повеќе од 90 отсто од светскиот БДП, под покровителство на ОЕЦД, со седиште во Париз. Тој предвидува земјите во кои се наоѓаат седиштата на мултинационалните компании да воведат глобален корпоративен данок од 15 проценти. Новите правила треба да стапат на сила во 2023 година, а официјално ќе бидат потврдени во завршната изјава на Г-20 во текот на денешниот ден. паг/
 

Остани поврзан