• четврток, 05 март 2026

Шефот на иранската дипломатија се сретна со генералниот директор на МААЕ пред новата рунда разговори со САД

Шефот на иранската дипломатија се сретна со генералниот директор на МААЕ пред новата рунда разговори со САД

Женева, 16 февруари 2026 (МИА) - Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи денеска се сретна со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, пред почетокот на новата рунда разговори со САД за иранската нуклеарна програма и евентуалното олеснување на санкциите, објави иранската новинска агенција ИРНА.

Арагчи претходно изјави дека средбата со Гроси ќе вклучува длабински технички дискусии со учество на тим ирански нуклеарни експерти.

Според објавениот распоред, иранскиот дипломат ќе разговара и со оманскиот министер за надворешни работи Бадр ал-Бусаиди, кој повторно ќе дејствува како посредник меѓу иранската и американската делегација, како и во претходната рунда разговори.

Новите индиректни разговори ќе се одржат во Женева, каде што оманската страна ќе ги пренесе ставовите меѓу двете делегации.

Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Арагчи рече дека дошол со вистински идеи за постигнување фер договор нагласувајќи дека отстапките под притисок не се на маса.

Иранскиот министер за надворешни работи, придружуван од висока дипломатска и експертска делегација, синоќа пристигна во Швајцарија. Покрај учеството во втората рунда преговори со САД, тој ќе се обрати и на конференцијата на ОН за разоружување.сд/рп/

Фото:ЕПА

Остани поврзан