• сабота, 23 ноември 2024

Шефовите на ЕКОВАС го договараат одговорот на превратот во Нигер, по неприфаќањето на нивниот ултиматум до воената хунта

Шефовите на ЕКОВАС го договараат одговорот на превратот во Нигер, по неприфаќањето на нивниот ултиматум до воената хунта

Абуџа, 10 август 2023 (МИА) - Шефовите на западноафриканските држави денеска во главниот град на Нигерија, Абуџа, разговараа каков одговор да дадат по минатомесечното воено преземање на власта во Нигер, откако воената хунта одби да ја следи нивната претходна закана за употреба на сила за враќање на демократијата во земјата. 

Британските медиуми пренесуваат дека средбата на западноафриканските лидери, зад затворени врати, во Абуџа се одржа само неколку часа откако нигерската хунта назначи нова влада. 

Откако ја презеде власта на 26 јули, хунтата го игнорираше рокот -  6 август, даден од Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) да го врати на власт соборениот претседател Мохамед Базум. 

Махамане Руфаи Лалали, претставен само како генерален секретар на владата, на телевизија прочита 21 име без да прецизира дополнителни планови. Тројцата водачи на пучот се именувани за министри за одбрана, за внатрешни работи и за спорт во владата, во која половината од членовите се од претходната. 

Поранешниот министер за финансии Али Махамане Ламине Зеине, кој во понеделникот беше назначен за премиер сега е вратен на функцијата министер за финансии во новата влада. 

Претходната влада на Нигер имаше 43 министри и ниту еден министер не беше воен офицер. 

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изрази загриженост за Базум и неговото семејство, откако неговата партија објави дека со денови се држат во претседателската резиденција без струја или вода и без свежа храна. 

„Генералниот секретар уште еднаш повикува на негово итно, безусловно ослободување и негово враќање на функцијата шеф на државата“, изјави во средата портпаролот на ОН. 

Средбата во главниот град на Нигерија, Абуџа, може да се покаже како клучен момент. Се очекува лидерите на ЕКОВАС да се договорат за следните чекори, кои би можеле да вклучат воена интервенција, што нивниот официјален претставник го посочи како последно средство. 

ЕКОВАС, Обединетите нации и западните земји вршат притисок врз хунтата да се повлече, додека воените влади во соседните Мали и Буркина Фасо ветија дека ќе ја бранат. сд/

фото:Скриншот ЈуТјуб

Остани поврзан