• среда, 13 ноември 2024

Шесто издание на Денови на медиумска писменост 2024

Шесто издание на Денови на медиумска писменост 2024

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) - Со конференција на тема „Политики за медиумска писменост во ерата на вештачката интелигенција“ Мрежата за медиумска писменост денеска го отвора шестото издание на Деновите на медиумска писменост 2024. Планираните активности што ќе траат до 4 ноември ќе се одвиваат под мотото „Твојата свесност е најважниот филтер“.

Отворањето на ДМП 2024 е најавено за во 9 часот во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, по што од 09:30 до 10:30, ќе се одржи работилница на тема „Вештачката интелигенција и авторските права“, организирана од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во соработка со Сојузна Република Германија. Следува панел дискусија на тема „Етика во користењето на вештачката интелигенција“, организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права, која ќе се одржи од 10:45 до 11:45. Денот ќе заврши со работилница на тема „Политики за развој на свесноста за ризиците од дезинформации“, организирана од Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), која ќе се одржи од 12 до 13 часот.

Според најавата, утре од 13:00 до 15:30 часот, во републичкото Собранието ќе се одржи панел дискусија на тема „Медиумската писменост и младите“, организирана од Младинскиот образовен форум (МОФ) и ИРЕКС. Во исто време, од 12 до 15 часот, во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово ќе се одржи работилница на тема „Медиумска лабораторија: Препознавање дезинформации и креирање медиумски содржини“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). Од 14 до 15 часот во Europe House во Скопје ќе се одржи панел дискусија на тема „Увезени дезинформации (фокус на Олимписките игри 2024)“, организирана од Делегацијата на Европската Унија.

На 30 октомври, од 10 до 12 часот, во Хотел Лимак во Скопје ќе се одржи „Националната конференција за медиумска писменост во образованието“, организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и ИРЕКС. Потоа, од 12:00 до 14:30 часот, во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се одржи панел дискусија на тема „Зајакнување на новинарскиот интегритет и одговорност“, организирана од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и ИФЕС. Во исто време, од 12 до 14 часот, во Младинскиот центар во Кавадарци ќе се одржи работилница на тема „Паметно живеење во дигиталниот свет“, организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Делегацијата на Европската унија. Радио Канал 77 ќе ја слави медиумската писменост на својата програма во текот на целиот ден.

На 31 октомври, од 09:30 до 12:30 часот, во СУГС „Георги Димитров“ во Скопје ќе се одржи работилница на тема „Медиумска лабораторија: Препознавање дезинформации и креирање медиумски содржини“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). Потоа, од 10:00 до 12:00 часот, во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се одржи работилница на тема „Медиумската писменост и средношколците“, организирана од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Твининг проектот. Денот ќе заврши со работилница на тема „Вештачка интелигенција: можности и ризици“, која ќе се одржи од 12:30 до 14:30 часот во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

На 1 ноември, од 10:00 до 14:00 часот, Радио МОФ ќе организира Отворен медиумски ден. Во 11:00 часот, во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се одржи отворена седница на Комисијата за жалби на тема „Предизвици за медиумската саморегулација“, организирана од Советот за етика на медиумите на Македонија (СЕММ). Потоа, од 12:00 до 14:00 часот, во Europe House во Скопје ќе се одржи работилница на тема „Паметно живеење во дигиталниот свет“, организирана од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Делегацијата на Европската унија. Денот ќе заврши со вебинар на тема „Дезинформации на Западен Балкан: Трендови, предизвици и одговори“, организиран од Фондацијата Метаморфозис, кој ќе се одржи од 13:00 до 14:00 часот онлајн.

На 2 ноември, од 12:00 до 12:30 часот, Радио МОФ ќе организира видео дискусија на тема „Дигиталниот живот на младите“, која ќе се одржи онлајн.

На 4 ноември, од 10:00 часот, во Хотел Арка ќе се одржи работилница на тема „Препознавање и одговор на говорот на омраза“, организирана од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и ОБСЕ. Потоа, од 12:00 часот, Радио МОФ ќе организира видео прилог на тема „Новинарите и вештачката интелигенција“, кој ќе се одржи онлајн. Во исто време, од 12:30 до 14:30 часот, во Младинскиот центар во Пробиштип ќе се одржи работилница на тема „Лице в лице: Кокреираме приказни“, организирана од Лице в лице и ГРИГ. Денот и целата програма ќе завршат со годишниот состанок на Мрежата за медиумска писменост, кој ќе се одржи од 14:00 до 15:00 часот во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Со Деновите на медиумска писменост 2024, кои ќе се одржат од 28 октомври до 4 ноември под мотото „Твојата свесност е најважниот филтер“, преку голем број разновидни настани се дава придонес кон одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост во организација на Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО. Темата на ДМП, поврзана со Глобалната недела, гласи „Медиумска и информациска писменост за информирање во јавен интерес“.ар/лв/
Фото: ММП

Остани поврзан