• сабота, 23 ноември 2024

Шестмината кандидати за претседател на ПАСОК ги доставија потребните потписи

Шестмината кандидати за претседател на ПАСОК ги доставија потребните потписи

Атина, 10 септември 2024 (МИА) – Со доставување на потребните потписи, шестмината кандидати за претседател на грчката опозициска партија ПАСОК-Движење на промена, доцна синоќа ги официјализираа нивните кандидатурите за изборите за партиски лидер што ќе се одржат на 6 октомври, јави дописничката на МИА од Атина.

Кандидатите потребно беше да достават најмалку 5.000 потписи или поддршка од 15 отсто од Централниот комитет на ПАСОК, а како што информираа од партијата, вкупно биле доставени над 62.000 потписи, што „навестува масовно учество во претстојниот изборен процес, што ќе ја зајакне улогата на ПАСОК-Движење на промена во политичкиот живот на државата“.

Актуелниот претседател Никос Андрулакис доставил 171 потпис од членовите на ЦК и 24.810 потписи од членови; поранешниот претседател на пратеничката група Михалис Катринис доставил 14.001 потпис; пратеничката Надиа Јанакопулу 8.286; поранешниот министер Павлос Геруланос 7.962 потписи, поранешната еврокомесарка Ана Диамантопулу 7.000 потписи, а градоначалникот на Атина Харис Дукас, кој победи на ланските локални избори, доставил 100 потписи од членовите на Централниот комитет.

Претходните избори во ПАСОК се одржаа во декември 2021 година, а откако актуелниот лидер пред евроизборите постави цел партијата да биде на втората позиција, цел што не беше постигната и партијата остана зад СИРИЗА , Андрулакис се соочи со силни критики од неговите сопартијци, а од состанокот на централниот комитет на крајот на јуни предложи изборите за претседател на партијата да се одржат на 6 октомври, а вториот круг доколку е потребно, да биде една седмица подоцна. ср/сд/

Остани поврзан