• недела, 24 ноември 2024

Шести конгрес на еколозите и одбележување на 50-годишнината на МЕД

Шести конгрес на еколозите и одбележување на 50-годишнината на МЕД
Охрид, 15 октомври 2022 (МИА) - Шестиот конгрес на еколозите од денеска до 18 октомври ќе се одржува во Охрид. Во рамки на конгресот, Македонско еколошко друштво ќе одбележи и 50 години активно делување.  На конгресот, како што е најавено, својата работа ќе ја претстават 146 автори и над 50 посетители, коавтори на научни трудови и соработници. На конгресот ќе учествуваат претставници од земјава, како и од Косово, Србија, Бугарија, Полска, Грција, Словенија, Хрватска и други. Македонското еколошко друштво од своето формирање во 1972 година ги обединува професионалните еколози од различни струки со цел промовирање на екологијата како наука, унапредување на еколошката едукација и заштита на животната средина и природата. Една од активностите на Македонското еколошко друштво е организација на конгрес на еколози. По свеченото отворање на конгресот, ќе има сесија посветена на доајенот на еколошката наука и долгогодишен претседател на МЕД проф. д-р Љупчо Меловски, како и сесија посветена на 50-годишниот јубилеј на Македонско еколошко друштво. -Одржувањето на овој конгрес е од големо значење за еколозите со оглед на тоа што ова е единствен научен собир од ваков тип во Македонија. Се очекува дека на конгресот ќе земат учество повеќе од 200 научни работници од земјава и од странство, со свои научни трудови од областа на екологијата и заштитата на животната средина. Работата на Конгресот ќе се одвива во повеќе секции кои се однесуваат на проучување на популации и екосистеми, хидробиологија, управување со води и мониторинг, биодиверзитет и заштита, шумарство и земјоделство, управување со природни ресурси, загадување и заштита на животната средина, промени во животната средина и еколошка едукација, информира Македонското еколошко друштво. сс/мд/

Остани поврзан