• среда, 25 декември 2024

Шерпасот Ками Рита по 28. пат го достигна врвот Еверест

Шерпасот Ками Рита по 28. пат го достигна врвот Еверест

Катманду, 23 мај 2023 (МИА) - Непалскиот планинар Ками Рита, познат како „човекот на Еверест“, денеска по 28. пат го освои највисокиот врв на Хималаите, соборувајќи го сопствениот рекорд поставен минатата седмица.

„Ками Рита утрово вторпат (за една недела) го достигна врвот Еверест. Тоа му е 28. пат“, објавија организаторите на експедицијата.

Шерпасот Пасанг Дава (46) вчeрa го израмни претходниот рекорд на Ками Рита, достигнувајќи го врвот Еверест од 8.849 метри по 27. пат. И двајцата сезонава по двапати се искачија на врвот.

Ками Рита своето прво искачување го направил 1994 година, на 24 години. Оттогаш речиси секоја година го освојува врвот.

Откако Едмунд Хилари и неговиот водич Тензинг Норгај првпат го освоија „покривот на светот“ во 1953 година, илјадници планинари се искачија на Монт Еверест. Досега вкупно 310 лица загинале при искачување или спуштање. Околу 200 тела почиваат на планината, без намера за преместување поради крајно неповолните услови.  си/сд/

Фото: Википедија.

 

Остани поврзан