• сабота, 23 ноември 2024

Шекеринска – Танер: Северна Македонија постигна огромен напредок кој ЕУ треба да го вреднува

Шекеринска – Танер: Северна Македонија постигна огромен напредок кој ЕУ треба да го вреднува
Скопје, 14 септември 2021 (МИА) - Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска имаше неформална средба со австриската колешка Клаудија Танер, во рамки на конференција на министрите за одбрана на Западен Балкан и Австрија, на која, како што информираат, станало збор за соработката во одбраната и поддршката на Австрија во евроинтеграциите на Северна Македонија. Двете министерки, се вели во соопштението од МО, заклучиле дека нашата земја постигна напредок кој ЕУ треба да го вреднува со отворање на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ. - Австрија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија. Тоа е важно не само за стабилноста на регионот, туку и за иднината на целата Унија. Нашите односи ќе продолжат да се развиваат низ дијалог и взаемно разбирање, рече министерката Танер. На средбата, Шекеринска посочила дека Австрија е еден од гласните поддржувачи на регионот и на Северна Македонија што е навистина за голема почит. - Нашите две земји соработуваат и на полето на одбраната за што се надевам дека во идниот период ќе имаме повеќе активности кои ќе ја унапредат нашата билатерална соработка. Одлично е што Австрија во континуитет испраќа сигнали на храбрење до регионот и до нашата земја, за што сме ви посебно благодарни, рече Шекеринска, се вели во соопштението од МО. Шекеринска, исто така, посочила и дека поддршката од Австрија при неодамнешните пожари и во пандемијата дале уште една потврда дека двете земји одржуваат одлични односи и дека Австрија ги цени достигнувањата на Северна Македонија. На вчерашната конференција на министрите за одбрана на Западен Балкан и на Австрија, од МО информираат, дека била потпишана заедничка Декларација за јакнење на отпорноста на земјите од регионот и за засилување на стратешкиот дијалог во меѓусебните односи и во односите со ЕУ, со акцент на создавање на современо регионално лидерство. Конференцијата на министрите за одбрана на Западен Балкан и на Австрија се одржа во таканаречениот „Грац-формат“ воспоставен на состанокот во Грац во 2018 година меѓу нашата земја, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и Австрија во име на ЕУ. аа/лв/

Остани поврзан