• петок, 27 декември 2024

Шекеринска: Со опремувањето на Армијата со спортска опрема во голема мерка се заокружија сите проекти што значеа опрема за секој војник

Шекеринска: Со опремувањето на Армијата со спортска опрема во голема мерка се заокружија сите проекти што значеа опрема за секој војник
Скопје, 29 октомври 2021 (МИА) - Припадници на Ренџерскиот баталјон на Армијата на Република Северна Македонија денеска на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје своите редовните физички подготовки ги извежбуваа во новата спортска опрема. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на промоцијата на опремата рече дека овие 6.800 комплети горна и долна тренерка, атлетски патики и спортски торби се дополнување на минатогодишната пратка со која беа опремени 1.200 наши припадници претежно од Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, од касарна Илинден и од Генералштабот. - Со тоа им помагаме на сите припадници на Армијата да бидат физички подготвени и покажуваме дека државата не чека само од нив, туку е подготвена и покажува резултати да им помогне за да ги остварат своите стандарди и повисоките критериуми за физичка подготвеност. Со ова во голема мерка се заокружија сите проекти што значеа опрема за секој војник. Веќе после 30 години никој не зборува дали некој има или нема униформа или чизми. Обезбедивме и дополнителна униформа за сите припадници, со што Армијата целосно ги исполнува сите и НАТО и национални стандарди да биде Армија што е почитувана, горда на својата фиункција и ценета од својата држава, истакна Шекеринска. Таа потсети дека во мај нашите армиски специјалци добија и современа алпинистичка опрема која ќе се користи меѓу другото и за спасување на цивили на непристапни терени, дека Армијата доби нова АБХО опрема, нова градежна механизација за Инженерскиот баталјон, а од идната година ќе почне етапно да ги добива и новите современи оклопни возила. Полковник Харалампие Трајков, претседател на Комисијата за физички проверки истакна дека со квалитетна спортска опрема се подобрува физичката подготвеност на целокупниот персонал, а се постигнуваат и подобри резултати во текот на спортските натпревари. - Се подобрува моралот и мотивацијата на персоналот за спорт и рекреација. Тоа целосно допринесува да се подобри борбената готовност на целокупниот состав на Армијата. Сега со целосно комплетирање на целокупниот состав со спортска опрема се дава нова димензија во опремувањето во тој сегмент, истакна полковник Трајков.

Според него, ова ќе придонесе и до афирмација на Армијата, при учество на сите спортски натпревари, како на домашно ниво, така и на меѓународно ниво. бк/сп/

Остани поврзан