• сабота, 23 ноември 2024

Шекеринска: Покажавме дека ги испорачуваме очекуваните резултати

Шекеринска: Покажавме дека ги испорачуваме очекуваните резултати
Скопје, 15 ноември 2021 (МИА) - Со потпишување на утрешната декларација ја комплетираме воената интеграција со НАТО, со што стануваме подеднакво рамноправна членка. Во сите воени делови од Алијансата покажавме дека ги исполнуваме зацртаните цели, дури и во услови на многу амбициозна агенда ги испорачавме очекуваните резултати, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната финална конференција на Групата за воена интеграција на Република Северна Македонија во НАТО. - Ова беше возможно да се реализира само поради големата активност, труд и резултати на луѓето во нашата армиска и одбранбена структура, кои заедно со своите НАТО колеги, точка по точка ги реализираа сите 193 задачи што беа дел од нашиот интегративен план. Задачите се однесуваат на закони, подзаконски акти, нови доктрини, нова организација, но и модернизација на структурата и опремата во Армијата, посочи Шекеринска. Заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин во своето обраќање истакна дека и покрај пандемијата на коронавирусот, динамиката на исполнување на задачите не беше стопирана, туку заврши согласно планираните агенди. Министерката Шекеринска говореше и за амбициите на Владата, Северна Македонија да стане членка на НАТО, додавајќи дека тоа е многу повеќе од политичка задача. - Затоа во првата година успеавме да ја завршиме нашата планирачка фаза. Точно дефиниравме во стратегијата за одбрана и стратешкиот одбранбен преглед која трансформација е неопходна за Армијата и во поглед на персонал и во поглед на структура, закони и модернизација, изјави таа и додаде дека предвидени биле 22 проекти што ќе значат обезбедување на модерна и ефикасна Армија во новиот век. Говорејќи за проектите, министерката за одбрана информираше дека дел од нив се започнати, дел се завршени, а голем дел ќе траат до 2028 година. - Освен инженерските машини што веќе ги набавивме и возилата за пешадија, планирано е и ново вооружување за лесната пешадија, обезбедивме АБХ опрема, балистичка заштита, обезбедуваме средства за артилерија. Во однос на воздушната одбрана, планирани се нови хеликоптерски единици, опрема што ќе ја набавуваме од 2024 година па натака и постојано вложување во сајбер програмата, соопшти Шекеринска. Таа додаде дека очекува Собранието да ги потврди проектите во видоизменетиот долгорочен план, бидејќи тоа што е планирано во 2017 година потребно е да се приспособи на барањата што НАТО ги дефинираше за земјава. Министерката најави формирање на медицински единици, односно формирање на еден хируршки тим во наредните години. Со денешната финална конференцијата се заокружува процесот на воено интегрирање на Република Северна Македонија во командните структури, како и во структурата на силите на НАТО, што формално ќе се заокружи со утрешното потпишување на заедничката декларација. На потпишувањето ќе присуствува и командантот на Врховната сојузничка командата на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ. ки/цр/

Остани поврзан