• среда, 25 декември 2024

Шекеринска на Школата за политики: Историјата е многу јасна – државите кои имаат сојузници ќе одат напред

Шекеринска на Школата за политики: Историјата е многу јасна – државите кои имаат сојузници ќе одат напред
Скопје, 4 септември 2021 (МИА) - Членството во НАТО беше голем успех и треба да го користиме. Сега како членка на Алијансата, ја имаме моќта да влијаеме на нејзината политика кон нашиот регион, но и пошироко, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното предавање пред слушателите на Школата за политики која е дел од Претседателскиот центар за политичко образование. - Историјата е многу јасна – државите кои имаат сојузници ќе одат напред. Ако успееме да изградиме сојузи кои што ќе бидат трајни, кои што ќе ни бидат предност, тогаш каква било криза може да ја дочекаме на нозе, истакна Шекеринска. Таа рече дека новите проблеми во светот кои се сè помалку само воени, а сè повеќе хибридни и предизвикани од климатските промени, го наметнале концептот за „зелена одбрана“. Во ваквиот контекст, според неа, војската и одбраната треба да се брзи во промените, да се прилагодат на зголемениот интензитет на суши, поплави и пожари. - Оттука и одбранбениот фокус ќе биде дека нашите воени капацитети веќе не треба да ги планираме само за воени активности, туку треба да направиме цивилно-воени структури кои што во вакви ситуации ќе бидат побрзи, поефикасни, подобро подготвени и опремени. И тоа е веќе дискусија што полека почна да се води и во НАТО, дополни Шекеринска. Министерката ја истакна улогата на армиските хеликоптери и на Армијата во гаснењето на пожарите како добар пример дека треба да се зајакнува оваа компонентна на армиските сили и рече дека пожарите кои избија и во многу други држави со посилни капацитети, покажаа дека ниту една земја не може да се справи сама, што се виде и неодамна кога дел од Балканот и Југоистична Европа беа зафатени од огнена стихија. - Оттука, ако кај некои луѓе во државава сè уште постојат дилеми што за нас значи членството во НАТО, само ќе кажам дека половина од помошта јас како министерка за одбрана немаше да бидам во состојба да ја добијам доколку не беа сојузничките релации кои ги воспоставивме со останатите земји членки, посочи Шекеринска. Додаде и дека случаите со пожарите ја наметнале потребата од итна реформа на системите за заштита и спасување, за која Министерството за одбрана веќе е задолжено и дека се направени првите чекори за соработка со Словенија, со цел Северна Македонија да ги подобри своите ресурси за дејствување во кризни состојби. - Со Словенија се договоривме еден дел од билатералната соработка да ја насочиме во таа област т.н. “Програма Берово“. Ќе добиеме и опрема од нив, но не сакам да се базираме само на донирана опрема, туку ќе направиме и наша модернизација на опремата, а ќе праќаме и пожарникари на школи во Словенија. Искуството со пожарите покажа дека мораме да предложиме комплетно нови закони, комплетно нов модел и единствена институција која ќе работи на таа област, истакна Шекеринска. мс/ац/

Остани поврзан