Шекеринска: Безбедноста има потреба од заеднички одговор на целото општество
- Безбедноста има потреба од одговор на целото општество, заедно со сите НАТО сојузници во Европа и Северна Америка и со големиот број партнери на НАТО, вклучително и други земји, организации, членови на академската заедница, приватниот сектор и граѓаните, рече Шекеринска.

Брисел, 9 април 2025 (МИА) - За зајакнување на безбедноста во денешниот турбулентен свет потребен е заеднички одговор на целото општество, изјави денеска заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска на средба со извршни директори на компании од германската хемиска индустрија.
- Безбедноста има потреба од одговор на целото општество, заедно со сите НАТО сојузници во Европа и Северна Америка и со големиот број партнери на НАТО, вклучително и други земји, организации, членови на академската заедница, приватниот сектор и граѓаните, рече Шекеринска.
Од тие парични, според неа, сосема е логично НАТО и индустријата да ја зајакнат меѓусебната соработка.
- Бруталната војна во Украина и тензиите во Индо-пацифичкиот регион се дел од напорите за ослабување на Западот, заедно со акти на подметнување пожари, саботажи и кибер напади, кои имаат за цел да ги дестабилизираат сојузничките земји и компании, рече Шекеринска.
Таа потенцира дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте постави три клучни приоритети за Самитот на Алијансата во Хаг – многу поголеми трошоци за одбраната, зголемување на производните капацитети и зајакнати заеднички напори за безбедноста.
Според Шекеринска, неопходно е поттикнување на одбранбената индустрија за зголемување на производството и за воведување дополнителни смени и нови производни линии.
- За да останеме безбедни мора да се погрижиме да ги надминеме нашите конкуренти, рече Шекеринска.
Заменик генералната секретарка на НАТО истакна дека индустријата произведува основни материјали и лекови и помага да се обезбеди непречено функционирање на индустриските синџири на вредност, а за возврат може да смета на НАТО за да продолжи да работи во безбедно опкружување. сп/
Фото: НАТО