• сабота, 23 ноември 2024

Во Шведска десницата постигна лош резултат на европските избори

Во Шведска десницата постигна лош резултат на европските избори

Копенхаген, 10 јуни 2024 (МИА) - Според денешните прелиминарни резултати, популистичката десничарска Демократска партија на Шведска освоила 13,2 отсто од гласовите на неделните европски избори и се наоѓа на четвртото место, што ја прави Шведска една од ретките земји во Европа каде што екстремната десница потфрли.

Шведските демократи освоија 13,2 отсто од гласовите, што е за 2,2 отсто помалку од претходните европски избори и ќе ги задржат трите места во Европскиот парламент, завршувајќи зад опозициските социјалдемократи, конзервативците на премиерот Улф Кристерсон и Зелените.

Аналитичарите велат дека лошиот резултат на шведската Демократска партија е „најголемата сензација на изборната ноќ“ и дека веројатната причина е што партијата се соочила со тешки критики откако една телевизиска станица наведе дека таа управувала со лажни налози на социјалните мрежи, ги клеветела политичките противници и сојузници, ширела лажни видеа и објавувала расистички коментари.

Шведските демократи, кои денес го поддржуваат членството во ЕУ, ја омекнаа својата реторика и ги исфрлија отворено расистичките членови. Оттогаш, тие од маргинално движење со помалку од два отсто поддршка прераснаа во втора по големина партија во земјата.

Таа партија зазема тврд став за имиграцијата, ја поддржува шведската централно-десничарска трипартиска влада, но не е дел од неа.

Кристин Нисен, аналитичарка во истражувачкиот центар Европа со седиште во Копенхаген, рече дека имиграцијата не е главно прашање во северна Европа, за разлика од јужниот дел каде што „прашањата како миграцијата се важни за гласачите“. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан