• среда, 27 ноември 2024

Шведска побара од кинески брод да влезе во нејзините територијални води за да помогне во истрагата за случајот со отсечените подводни оптички кабли

Шведска побара од кинески брод да влезе во нејзините територијални води за да помогне во истрагата за случајот со отсечените подводни оптички кабли

Стокхолм, 26 ноември 2024 (МИА) - Шведска побара од кинески брод да влезе во нејзините територијални води за да помогне во истрагата на случајот со неодамна отсечените подводни оптички кабли во Балтичкото Море.

Два подморски кабли, едниот ја поврзува Финска со Германија, а другиот Литванија со Шведска, беа оштетени за помалку од 24 часа на 17 и 18 ноември, што предизвика сомневања за саботажа.

Минатата недела, данските вооружени сили соопштија дека се во близина на кинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“, кој се наоѓа во меѓународни води, но во ексклузивната економска зона на Данска.

Каблите беа исечени во ексклузивната економска зона на Шведска, поради што шведското обвинителство започна прелиминарна истрага.

„Од шведска страна, контактиравме со бродот и Кина и рековме дека сакаме бродот да се пресели во шведските води“, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.

Кинескиот брод го напушти руското пристаниште Уст Луга на 15 ноември и се наоѓаше во областа каде што беше пресечен кабелот, според податоците од поморскиот сообраќај кои покажаа дека и други бродови биле во областа.

„Не упатуваме никакви обвинувања, но сакаме јасност за тоа што се случи. Ова е втор пат за релативно кратко време да има сериозни прекини на кабелот“, рече Кристершон.

Тој додаде дека неговата земја се надева дека Кина ќе се согласи со барањето.

Кинеското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Пекинг одржува „непречена комуникација“ со сите инволвирани страни. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан