• среда, 25 декември 2024

Шведската амбасадорка, Бенгтсон на проштална средба со претседателот на Собранието, Џафери

Шведската амбасадорка, Бенгтсон на проштална средба со претседателот на Собранието, Џафери
Скопје, 14 јули 2022 (МИА) - Амбасадорката на Кралството Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон денеска имаше проштална средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери на која Џафери изрази благодарност за работата на Амбасадата во текот на нејзиниот мандат во насока на унапредување на односите меѓу двете држави и за давањето силна поддршка за нашата евроинтеграција. На средбата, информираат од собраниската прес-служба, претседателот Џафери се осврна и на улогата на Амбасадата во посредувањето при реализацијата на иницијативата на шведскиот Риксдаг на соработката за демократски развој со Собранието, нагласувајќи дека запознавањето со добрите практики од шведското долгогодишно парламентарно искуство и за пратениците беше многу значајно, за што сведочи нивниот голем интерес и активно учество. Тој ја искористи приликата да упати честитка за потпишувањето на пристапните протоколи и почетокот на процесот на ратификација на членството на Шведска во Северно - Атлантската алијанса и изрази уверување дека во време кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, членството на Шведска ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност. Воедно, изразувајќи очекување ратификацијата на протоколите брзо да се најде и пред пратениците, упати покана до спикерот на Риксдагот, доколку биде во можност, да присуствува на тој свечен чин во нашето Собрание. Амбасадорката Форсгрен Бенгтсон изрази задоволство што во текот на нејзиниот тригодишен мандат земјата ја исполнила едната од своите стратешки цели, членството во НАТО, а сега е на прагот да ја исполни и втората цел, членството во Европската унија. Осврнувајќи се на билатералните односи, нагласи дека тие бележат нагорен тренд со посетите на највисоко ниво меѓу двете држави, а како исклучително значајна за билатералната парламентарна соработка ја оцени соработката за демократски развој, забележувајќи дека темите а не политичката припадност ги зближува пратениците од двата законодавни дома во текот на меѓусебните студиски посети. Таа нагласи дека силната и стабилна поддршка на Шведска на европската интеграција на Република Северна Македонија ќе продолжи и во следниот период, особено преку Стратегијата 2021- 2027 , нотирајќи дека истовремено кога земјава чука на вратата на ЕУ, Шведска чука на вратата на НАТО. Изрази надеж дека ратификацијата на протоколот за членство на Шведска во НАТО ќе се случи наскоро. Претседателот Џафери и врачи на амбасадорката Признание за нејзиниот придонес и ѝ посака успех во исполнувањето на нејзините нови должности. вј/ац/

Остани поврзан